Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, заедно со Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов и Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Иваноски присуствуваше на затворањето на 18-та меѓународна конференција ADBIS ( Advances in Database and Information Systems) и отворањето на шестата конференција за иновации ICT Innovation 2014, што деновиве се одржуваат во Охрид .
Посакувајќи им успешна работа на двата еминентни собири од областа на информатичките системи, градоначалникот Бакрачески изрази задоволство што Охрид од година од година станува се попривлечно место за одржување на конгреси и семинари од светско реноме.
„Охрид, деновиве е центар на новите информациски системи и технологии, врз кои се темели сегашноста и иднината на светот. Горди сме што сме домаќини на признати имиња од ова област во светот, што промовираат нови научни сознанија и практики кои ќе бидат драгоцени за македонската, но и за стручна јавност во земјите од соседството, Европа и Светот. Со одржувањето на вакви стручни конференции, длабоко сум уверен, дека на голема врата сме влезени и сме дел од најновите научни сознанија и практики во сферата на информатичките науки во светот. Во Охрид над 7 000 години има континуиран живот на човекот и неслучајно го нарекуваат ризница на цивилизациите. Овде на секој чекор можете да ги видите остатоците и да го почувствувате духот на минатото и сегашноста. Почитуваните гости кои првпат доаѓаат во овој свет град, верувам дека ќе го препознаат специфичниот флуид на единството на културното наследство и природните реткости, поради кои како светско богатство Охрид и Охридското Езеро се под заштита на УНЕСКО. Овде на крстосницата на цивилизациите, многу знајни и незнајни великани оставале свои траги и го создавале безвременскиот мозаик на овој град. Сигурен сум дека и Вие, преку Вашите научни сознанија и практики ќе бидете дел од тој мозаик, по што ќе Ве препознаваат идните генерации“, истакна во своето поздравно обраќање градоначалникот Бакрачески.
Претседателот на државава, Горге Иванов вели дека ваквите конференции покажуваат дека во Македонија сериозно се работи во унапредувањето на информатичко – комуникациските технологии, дека сме во тек со светските трендови и дека можеме да споделиме искуства со експерти од цел свет.
„Неопходно ни е структурно приспособување. Неопходно е повеќе да вложуваме во образование, наука и истражувања. Македонија да ја вклучиме ,во регионалните образовни, научни и истражувачки проекти. Потребно ни е лидерство во иновациите и иновативни компании. Неопходно е да го надминеме јазот меѓу академските институции и бизнис секторот, меѓу научните истражувања и пазарот. Ги охрабрувам компаниите да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот. Ги охрабрувам нашите универзитети да ја користат законската рамка и да продолжат со градење технолошки паркови , start- up акцелератори и други креативни проекти , со што се поттикнува и претприемачкиот дух на младите. Ја охрабрувам Владата на Република Македонија да продолжи со создавање соодветни услови за практична синергија меѓу клучните засегнати страни. Само така ќе успееме да ја постигнеме целта – да имаме дигитално , е- општество во Македонија до 2020 година“, потенцира Претседателот, Иванов.
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Иваноски укажа на значењето од одржувањето на вакви конференции.
Конференцијата годинава носи наслов „Светот на податоците, светот на датата кој што е доста соодветен и добро е што се одржува во Македонија , затоа што оваа година како Влада и Министерство за информатичко општество и администрација направивме многу за отворање на податоците кои што ги поседуваат државните институции. Имено, Република Македонија како 32 земја, потписник на договорот, „Отворено владино партнерство“ се обврза да ги отвора податоците, и можеме да кажеме дека сме едни од лидерите во Светот по бројот на податоци кои што ги имаме отворено , но не само отворени во формат кој што може обичен граѓанин да го чита туку во машински формат каде што ќе можат тие податоци да се процесираат, да се направат мобилни апликации, да се направат веб апликации, веб сервиси за да можат тие податоци да се искористат за една нова, додадена вредност на економијата. Токму тоа е целта на ова отворено владино партнерство , покрај транспарентноста што ја покажува Владата на Р. Македонија, отвораме податоци со кои што ќе може приватниот сектор при вкрстување на тие дата сетови да креира ново решение , нов продукт и тој да биде присутен на пазарот со тоа што во Европската Унија минатата година со отворање и вкрстување на вакви податоци , новата додадена вредност на економијата изнесуваше 60 милијарди евра.
„Се надеваме дека граѓаните на Република Македонија ќе ги искористат овие 154 дата сетови , кои денес ги презентирав на присутните, со цел сите да се вклучат во креирање на нови апликации , нови решенија за граѓаните на Р. Македонија за да можеме тие податоци да ги користиме. Тие податоци се генерирани од граѓаните на Р. Македонија , тие се сопственост на граѓаните на Р. Македонија и ние повторно ги отстапуваме со донесувањето на новиот Закон за отворени податоци и ќе ги правиме достапни во електронски формат за граѓаните на Република Македонија“, рече министерот Ивановски.
Инаку на меѓународната конференцијата ICT innovation 2014 што од денес до 12-ти септември се одржува во Охрид , присуствуваат гости од 32 земји меѓу кои се и еминентни професори и истражувачи во полето на бази на податоци.