Министерката за култура се обрати на Третиот светски форум за култура и културни индустрии

На панел-дискусијата, пред присутните експерти и други гости, меѓу кои и амбасадорот на Република Македонија во Италија, Оливер Шамбевски, министерката за култура потенцираше дека развојот на културата во РМ е правопропорционален со развојот на државата …

„Зачувување, а не уништување, конструктивен пристап, а не деструкција, заедништво и заемна почит – тоа се основните принципи на културата кои сите ние треба да ги почитуваме,“ истакна министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска денеска во своето обраќање пред многу присутните на Третиот светски форум за култура и културни индустрии кој на темата „Култура, креативност и одржлив развој. Истражување, иновација и можности“, од 2 до 4 октомври се одржува во Фиренца, Република Италија.

Канческа-Милевска, која беше клучен говорник на панел–дискусијата чиј модератор беше советникот на Генералниот директор на УНЕСКО, Франциско Бандарин, нагласи дека е инспиративно и потикнувачки што за една глобална и актуелна тема како што е културата и нејзиниот одржлив развој, се дебатира токму во Фиренца, градот кој е еден од историските столбови на италијанската и европската култура.

„Значењето на културата како фактор на одржливиот развој и развојот воопшто, го антиципираме во вистинско време и на вистински начин бидејќи денес човештвото е соочено со многу развојни, економски, социјални и хуманитарни кризи. Затоа на сите нас ни е потребен еден широк дијалог на културите, религиите и цивилизациите, нешто што со посебно внимание се негува и во нашата држава, Република Македонија, каде што во последната декада реализиравме три Светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог под покровителство на УНЕСКО“, рече Канческа-Милевска.

На панел-дискусијата, пред присутните експерти и други гости, меѓу кои и амбасадорот на Република Македонија во Италија, Оливер Шамбевски, министерката за култура потенцираше дека развојот на културата во РМ е правопропорционален со развојот на државата.

„Владата на РМ со големо внимание ја следи културата и процесите поврзани со неа и во изминатиот период, со должна почит кон нашите уметнички вредности и богатото културно наследство, вложи голема енергија и инвестираше во нејзиното унапредување и развој,“ информираше Канческа-Милевска која нагласи дека во последните години, континуирано се зголемува учеството на културата во државниот буџет и тоа учество го следи економскиот и социјалниот развој.

Во контекст на меѓународната соработка, министерката за култура подвлече културната политика на Република Македонија е единствена и отворена и во функција на севкупниот општествен развој.

„Нашата држава има усвоено и ратификувано повеќе меѓународни акти и документи кои ги применуваме во нашето законодавство и практика. Учеството на РМ и нејзиниот придонес во голем број на меѓународни владини и невладини асоцијации и организации и овозможи на нашата држава дијалог и соработка со различните култури како и меѓусебна доверба и долготрајно партнерство и солидарност во презентирањето на заедничките интереси со другите земји“, рече Канческа-Милевска.

Учеството на Третиот светски форум за култура и културни индустрии во Фиренца, на кој присуствуваат високи гости од политичкиот и општествениот живот, меѓу кои се и генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, министри за култура од Италија, Грција, Мароко, Србија, Босна и Херцеговина и други земји, градоначалници, видни меѓународни експерти за културна политика и креативни индустрии, претставува одлична можност за размена на искуства и промоција на културата како фактор на одржливиот развој.

Овој емининентен собир, кој е во организација на УНЕСКО, Италијанската Влада, регионот Тоскана и општината Фиренца, завршува в сабота со усвојување на заедничка декларација.

04_fir__640