Новиот ЗКП – пресвртница во целокупниот кривично-правен систем во Република Македонија

„Стапувањето на сила на новиот Закон за кривична постапка е пресвртница во целокупниот кривично-правен систем на Република Македонија. Истиот треба да претставува поголема гаранција за почитувањето на правата на граѓаните, а од друга страна и нова современа алатка за поголема ефикасност за органите на прогонот.“ Ова, меѓу другото, го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на отворањето на Регионална конференција на тема – “Реформи во полицијата во рамки на кривично-правниот систем и нивно спроведување“ што во организација на мисијата на ОБСЕ во РМ и МВР на РМ се одржува во хотелот “Александар Палас“ во Скопје.

Како што нагласи Јанкулоска – “практично, со донесувањето на Законот за кривичната постапка во 2010 година, во целост се промени концептот на дотогашната, во суштина, инквизиторна постапка дизајнирана како службена истрага на судот. Во новиот систем кој се воспостави со овој закон, полициската и обвинителската истрага се надополнуваат и фузионираат, а судската истрага практично се прескокнува, но не се заменува со некаква формална обвинителска истрага“.

Според министерката Јанкулоска напоредно со ова а во контекст на усогласувањето на законските акти се наметна и потребата за нормативно допрецизирање и надградба на постојниот Закон за полиција, така што со Законот за измена и дополно на Законот за полиција, правен врз компарирање со практичното искуство на хрватскиот модел, се постигна бараната меѓунормативна конзистентност. “Пред се особено преку разработувањето на институтот – криминалистичко истражување како полициска активност со примена на полициските овластувања при што полициските овластувања кои својата формално – правна основа ја црпеа во претходниот Закон за кривична постапка сега се јасно нормирани и во Законот за полиција. Со предложените измени и дополни на законот се пропишуваат условноречено “нови“ полициски овластувања: лишување од слобода, прикриено полициско дејствување, влегување во туѓ дом и други затворени простории, препознавање, полиграфско тестирање и друго“, истакна Јанкулоска.

Инаку, Регионалната конференција на која учествуваат преставници на полициите од сите земји на регионот е поделена на шест работни сесии на коишто ќе се дебатира за сите аспекти на полициските реформите во контекст на кривично-правниот систем.