Конференција за млади лидери – „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, утре – 29 ноември, сабота, ќе се обрати на Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес”, што ќе се одржи на 29 и 30 ноември во Охрид.

Предвидено е на отворањето на конференцијата да се обратат поранешниот Претседател на Република Бугарија, г. Георги Прванов и поранешниот Претседател на Република Албанија, г. Бамир Топи.

Учесници на Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес” се претставници на петте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов, се одржува на годишно ниво од 2010 година. Идејата на претседателот Иванов за одржување на школата е да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Во рамки на дводневната Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес” свои предавања ќе одржат проф. Драган Стефановиќ и г. Мухамед Мешиќ, а ќе се одржи и дебата на тема „Придонесот на ИСЛАА во лидерството на следната деценија”.

Досега, на Школата за млади лидери, учествуваа околу 200 млади луѓе со различен академски и професионален фокус. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.