Отворена дводневната Конференција за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“

„Живееме во свет во којшто сосема поинаку функционираат и политиката, и економијата, и безбедноста и комуникациите. Во тој свет потребни се лидери кои ќе знаат да носат одлуки“, рече Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на отворањето на дводневната Конференција за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес” во Охрид.

Според претседателот Иванов, радува фактот што се повеќе луѓе се приклонуваат на школите на мислења кои на се даваат планетарно значење, пред се на климатските промени, економијата, политиката и безбедноста.

„Да бидете креативни и да создавате иновативни идеи. Да не подлегнувате на доминантните школи, кои од вас ќе создадат само потрошувачи, потрошувачи на идеи, добра и на туѓи мисли”, рече претседателот Иванов пред учесниците на конференцијата.

Учесници на Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес” се претставници на петте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов, се одржува на годишно ниво од 2010 година.

На отворањето на конференцијата се обрататија поранешниот Претседател на Република Бугарија, г. Георги Прванов и поранешниот Претседател на Република Албанија, г. Бамир Топи.

„Мислам дека треба да има комуникација меѓу младите луѓе од двете земји, бидејќи ако вие создадете таква клима, многу полесно ќе биде кога некој од вас ќе биде претседател, премиер, градоначалник, и тогаш иднината на нашите две земји ќе изгледа многу поубаво”, рече поранешниот бугарски претседател Прванов.

„Јас сум денес тука, во својство на поранешен претседател, но со еден силен, слободен глас, глас којшто верувам има влијание, и јас верувам дека со сите наши напори, на Албанија, на Македонија, на Србија и останатите земји во регионот, треба да имаме една заедничка точка, а таа заедничка точка, се разбира, е Европската Унија”, рече поранешниот албански претседател Топи.

Во рамки на дводневната Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за балканското лидерство денес” свои предавања ќе одржат проф. Драган Стефановиќ и г. Мухамед Мешиќ, а ќе се одржи и дебата на тема „Придонесот на ИСЛАА во лидерството на следната деценија”.

Досега, на Школата за млади лидери, учествуваа околу 200 млади луѓе со различен академски и професионален фокус. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.

konf01