Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов на прес конференција за медиумите информираше за Проектот Бесплатен одмор и рекреација на децата од семејства во социјален ризик. Овој проект започна да се реализира од летото 2012 година и досега можност да ја користат оваа бесплатна услуга имаа 8000 лица, односно 6.000 дечиња имаа можност да заминат на бесплатен летен одмор, а 2.000 на бесплатен зимски одмор.
„Би сакал да информирам дека утре, 19.12.2014, петок, излегува јавниот повик за бесплатно зимување, на кој сите заинтересирани родители кои користат социјална парична помош, постојана парична помош, детски додаток, родителски додаток, како и родители на деца корисници на посебен додаток можат да аплицираат за користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација за своите деца. Бесплатен зимски одмор ќе користат и децата без родители и родителска грижа родени во период од 2000 до 2004 година односно деца – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2014/2015 година“, информираше Спасов.
Оваа услуга ќе се користи во текот на зимскиот распуст во три смени од по 6 дена, во зимските туристички центри. Бесплатниот одмор и рекреација за деца опфаќа 5 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно) и едукативни, забавни и спортски активности. Децата корисници на посебен додаток и/или деца со инвалидитет имаат право на придружник за време на користењето на услугата. Придружникот има право на 5 полни.
„Сите заинтересирани може да се обратат и да поднесат барање до надлежниот Центар за социјална работа, според местото на живеење, до 31.12. 2014 година, од каде ќе бидат информирани за користење на услугата. Детални информации можат да се добијат и на web страната на министерството. Потикнати од позитивните ефекти на овој проект, најавувам дека истиот ќе продолжи да се реализира и во летниот период така што 2.000 деца ќе користат бесплатен летен одмор.
Со сите проекти кои ги превземаме и ќе ги преземаме, настојуваме секое дете во Република Македонија да има среќно детство, како што впрочем тоа го заслужуваат“ заврши Спасов.