Градоначалникот Никола Бакрачески денеска на пригодна свеченост го стави во употреба плоштадот во населба Рача , што општината заедно со јавните претпријатија го градеше и уредуваше во изминативе два месеци . Со изградбата на плоштадот неуредениот простор во кој дел од мештаните дури депонираа отпад доби нов уреден лик.
„Успеавме да направиме плоштад во површина од околу 355 метри квадратни со додатна површина за детски реквизити. Вкупната површина е 520 метри квадратни во кои што се вградени пешачки зони изработени од бехатон и гранитни плочи. Изработена е фонтана. Спроведени се инсталации за вода и за електрична енергија. Поставени се канделабри и клупи. Просторот хорти културно е осмислен. Со изградбата на овој плоштад најдено е современо решение за уредување на јавна површина во оваа урбана заедница. Плоштадот е убаво катче на кое мештаните ќе се забавуваат,рекреираат и одмараат,“ изјави градоначалникот Бакрачески.
Во населба Рача изведена е и нова водоводна линија во должина од 78 метри. Истовремено е продолжен крак за снабдување со вода на фонтаната во паркот во должина од 16 метри. При изведбата на водоводната линија извршено е и ново приклучување на 11 домаќинства.
Проектите во Рача односно новиот плоштад и водоводната линија се дел од ветувањата на Градоначалникот кои по средбите со граѓаните на оваа урбана заедница беа оценети како приоритетни.
Надлежните при општина Охрид со апел до Урбаните и Месните заедници да доставуваат барања за вакви или слични проекти и активности бидејќи согласно политиките на градоначалникот Никола Бакрачески, решавањето на комуналните проблеми на граѓаните треба да биде во најтесна корелација со нив.