Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „разбојништво“, полициската станица Кичево, поднесе кривична пријава против А.В.(17) од кичевското село Колари, А.И.(20), Р.З.(17) и К.Н.(17) од селото Зајас. Основниот суд во Гостивар на А.И. му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Пријавените како група, а по претходен меѓусебен договор, на 24-ти овој месец, физички нападнале таксист, извршиле пребарување по такси возилото марка „Опел-Астра“ сопственост на компанијата „Срна“ и противправно одзеле 600 денари. Настанот се случил околу 19 часот на место викано „Томоско маало“ атар на селото Зајас, каде пријавените претходно од Кичево побарале од такси возачот да бидат префрлени. Пристигнувајќи во месноста „Томоско маало“ пријавените побарале од такси возачот да го запре возилото по што А.В. кој седел на задното седиште со марама го стегнал возачот околу вратот и устата и му ги одзел клучевите од возилото.
Потоа, сите заедно го извлекле од возилото и почнале да го удираат со тупаници по главата и телото. Откако пријавениот К.Н. ги одзел парите, сите заедно избегале од местото на настанот.