Честитка на претседателот на СДСМ, Заев по повод Бадник и Рождеството Христово-Божик

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, по повод големите христијански празници Бадник и Рождество Христово Божик, во свое име и во име на СДСМ, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и до сите верници од православна вероисповед во земјава.

„Вам лично, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво и на сите православни верници, во свое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз, упатувам искрени честитки по повод големите празници Бадник и Рождество Христово Божик, со најискрени желби за добро здравје и лична, семејна и општествена благосостојба.

Во духот на христијанските вредности, овие празнични денови, во секое срце нека внесат мир, во секој дом нека донесат топлина, светлина, радост и љубов и нека го зацврстат единството и почитувањето меѓу сите луѓе во земјава.

Раѓањето Христово Божик е поттик за надеж и верба во подобро утре.

Сите заедно да дадеме придонес во солидарноста и толеранцијата, негувањето на човековите вредности: чесноста, слободата, заложбите за вистината и правдата, за да овозможиме спокен и среќен живот за сите граѓани во Република Македонија“.– стои во честитката.