Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во лично име и во име на Социјалдемократскиот сојуз, по трагичен инцидент во Париз, во којшто се убиени новинари, полицајци, а има и повредени, упати телеграма со сочувство до амбасадорот на Франција во Р.Македонија, Лоренс Оер, до францускиот претседател Франсоа Оланд, премиерот Мануел Валс, до редакцијата на сатиричниот весник Шарли Ебдо, како и до граѓаните на Република Франција:
„Изразувам длабоко и најискрено сочувство, во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз, за трагичниот настан во којшто се загубени човечки животи, а има и повредени.
Во овие тешки моменти за семејствата, за редакцијата на весникот Шарли Ебдо и за земјата, ние сме со францускиот народ, цврсто уверени дека Република Франција успешно ќе се справи со опасностите и предизвиците и сторителите ќе бидат откриени.
Нападот врз новинари е напад врз слободата на говор. Република Франција не е сама во битката за обезбедување слобода на граѓаните од заканите од секаков вид, вклучувајки ја и борбата против тероризмот“.– стои во телеграмата.