Известувачот за Република Македонија, Иво Вајгл од Словенија, ја претстави Предлог-резолуцијата за нашата земја пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент во Брисел, при што се разви дебата за истата.
Мнозинството европратеници ја оценија Предлог-резолуцијата како реална, конструктивна и проевропска, давајќи поддршка да започнат преговорите за членство.
Во Предлог-резолуцијата се споменуваат позитивните и негативните случувања во земјата и по деветти пат се препорачува Советот да ги отвори преговорите за членство на Македонија во Европската унија.
Се повторува ставот дека прашањето за името не треба да биде препрека за отворање на преговорите, иако треба да се реши пред крајот на пристапниот процес.
Исто така, се оценува дека отворањето на пристапните преговори ќе ја засили стабилноста во регионот, ќе има позитивно влијание на билатералните спорови, ќе го поттикне политичкиот дијалог, ќе ја зголеми економската стабилност и ќе ја засили етничката кохезија.
Дебатата ќе продолжи на 31 јануари по поднесените амандмани од страна на европратениците, а следниот месец, на пленарна седница ќе се гласа по Резолуцијата.