Младите охриѓани ги пееја песните на Тоше

Во чест на 34-тиот роденден на најголемата македонска музичка ѕвезда, Тоше Проески, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид синоќа се одржа голем хуманитарен концерт.

Пред присутните се обрати Дарко Мојсоски, главен координатор за реализација на хуманитарниот концерт, посветен на Тоше Проески.

„Најтешко е човек да говори за некој кој веќе го нема, а премногу значел.Тешко е, кога ќе осознаете дека сте имале се, а сте немале ништо. Кога ќе погледнете од ова место и ќе видите дека човек е богат, а всушност е сиромашен. И како е да погледнеш преполна сала, а сепак празна, како е да видиш дека седиштата се полни, а срцата празни. И наместо ние вечерва сите заедно со него да го славиме неговиот роденден, ние славиме во негово име, зошто него го нема. Годините со голем чекор одминуваат, а солзите не престануваат. Тоше како и повеќето од нас вечерва даваше и кога немаше и ги учеше да го прават тоа оние кои што имаат многу, а чуваат  само за себе. Она што после Тоше ние треба да го направиме е да го најдеме начинот ваков каков што е во нашите души и што побрзо да го активираме. Велат големите луѓе никогаш не умираат, тие остануваат да живеат во нашата меморија засекогаш. А, велат дека и луѓето живеат додека ние ги споменуваме. А тебе вечно ќе те споменуваме!“– рече Мојсоски.

На концертот настапија млади музички таленти, како и хорот при охридската гимназија кои  пееја песни од Тоше.

На хуманитарниот концерт посветен на Тоше Проески беа собрани вкупно 20 221 денари. Собраните средства ќе бидат наменети за Дневниот центар за лица со попреченост „Зраци“.

Иницијатори за концертот се неговите фанови од Охрид.

This slideshow requires JavaScript.

WebOhrid