Честитка од претседателот Иванов по повод Националниот празник на Република Бугарија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Република Бугарија упати честитка до г. Росен Плевнелиев, Претседател на Република Бугарија.

„Почитуван господине Претседател,

Ми претставува особена чест и задоволство од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Националниот празник на Република Бугарија.

Дозволете ми во оваа свечена пригода, да го изразам моето уверување дека со заемен ангажман ќе придонесеме за натамошен развој на билатералните односи и за уште поуспешна и поплодна соработка на сите полиња од заеднички интерес.

Градењето на добрососедските односи, регионалната стабилност и соработка, интегрирањето во Европската унија и НАТО се областите кои претставуваат приоритет за Република Македонија. Верувам во заемната подготвеност за блиска соработка со Вас, господине Претседател, на овој план за добробитта на двете држави.

Традиционалното пријателство и меѓучовечките врски се огромен потенцијал што треба со заеднички напори да го ставиме во функција на зајакнување на пријателството и меѓусебната доверба и интензивирање на севкупната соработка.

Дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.“- стои во честитката.