Претседателот на СДСМ Заев се сретна со амбасадорот на кралството Норвешка за Македонија

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и генералниот секретар Оливер Спасовски денеска остварија средба со амбасадорот на Кралството Норвешка за Македонија, Нилс Рагнар Камсваг.

На средбата се разговараше за загрозените права и слободи на граѓаните со масовното прислушување, за нарушениот политички амбиент во државата и можностите за решавање на настаната политичка криза.

„Повикот на ООН за одговорност на власта за нарушување на правната држава, е само уште еден во низата докази за сериозноста на ситуацијата во којашто ја турна државата неодговорното владеење на Никола Груевски“, посочи претседателот на СДСМ, Заев.

Тој рече дека содржината на досега обелоденетите докази од страна на СДСМ, ги потврдуваат сите проблеми на коишто е укажано досега во меѓународните извештаи за Македонија, а за коишто веќе подолг период алармира и опозицијата.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев го информираше амбасадорот на Норвешка Камсваг, за досегашната реализација на процесот што го почна опозицијата, насловен Вистината за Македонија, којшто разоткри: директно мешање на власта во судството, контрола и притисок врз медиумите, изборен фалсификат, кршење на законите и Уставот од страна Груевски и неколкумина негови соработници, комплетна партизација и окупација на државните институции од страна на тесната група на власт.

„СДСМ има обврска да го врати нормалното функционирање на државата и владеењето на правото и тоа ќе го направиме,“ најави претседателот на СДСМ Зоран Заев на средбата со норвешкиот амбасадор Нилс Рагнар Камсваг.

DSC_00222