Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, денес во изјава за медиумите истакна:
„Јавното обвинителство официјално соопшти дека јавниот обвинител Јован Илиевски е формално изземен од постапување по конструираниот предмет Пуч.
Како надреден јавен обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција Јован Илиевски не може да биде изземен од постапување по овој конструиран предмет, затоа што по принципот на хиерархија и субординација на обвинителството директно е надреден над обвинителот кој постапува во конструираниот предмет.
Согласно хиерархиската поставеност во Јавното обвинителство, баџанакот на Сашо Мијалков и извршителот на Никола Груевски, обвинителот Јован Илиевски, директно и индиректно има можност да влијае на одлуките што се однесуваат на предметот.
Дополнително, Илиевски не може формално да биде изземен затоа што не постои ниту еден основ за негово изземање согласно Законот за кривична постапка.
Оттука, не може да постои ниту формална ниту неформална одлука за изземање на јавниот обвинител Јован Илиевски од постапувањето по конструираниот предмет.
Со ваквата реакција и однесување Јавното обвинителство потврди дека работи под целосен диктат и контрола на Никола Груевски, Сашо Мијалков и Јован Илиевски.
Одговори на новинарски прашања
Медиуми: Како ги коментирате најавите од страна на премиерот Груевски искажани на Конгресот за освежување на неговиот владин тим, за своевидна реконструкција. Може ли тоа да најави некаков излез од кризата?
Шилегов: Тоа што Никола Груевски го соопшти на нивниот т.н Конгрес во текот на изминатите два дена е исклучиво само за внатрешна употреба, за зацврстување на неговите позиции во ВМРО-ДПМНЕ. Не е и не може да се однесува на политичката криза односно на државната криза во Република Македонија.
Медиуми: Од друга страна најави и 5 точки за кои би разговарал со опозицијата. Сега и тој има 5 точки како и СДСМ. Што е вашиот коментар?
Шилегов: Нашите точки се теми коишто се поддржани не само од СДСМ, од опозицијата, туку и целата слободоумна јавност во Република Македонија, меѓутоа и од меѓународната заедница. Од тие причини сметаме дека тие се единствените точки коишто ќе понудат реална можност за Република Македонија да може достоинствено да ја надмине оваа политичка криза. Она што Никола Груевски го фингира и го глуми како наводни негови услови, или негови желби за надминување на политичката криза, како што веќе кажавме, се однесува исклучиво за внатрепартиска употреба за ВМРО-ДПМНЕ.