СДСМ: Директорката на Детската градинка ги злоупотреби дечињата и просториите во градинката за партиски цели

ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Стана секојдневна практика директорите и другите раководни лица во Општина Охрид, назначени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, да ја злоупотребуваат својата службена положба во партиски цели.

Тоа е уште една потврда дека државните институции, на централно и локално ниво се целосно поклопени од партијата на власт, на штета на граѓаните.

Кулминација на злоупотребата на службената положба претставува денешната постапка на директорката на Детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид, која на крајно непрофесионален начин ги злоупотреби децата од градинката.

Денеска директорката организираше детска приредба со песни и игри, но во чест на претседателката и неколку членови на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

Ниту на родителите, ниту пак на персоналот во градинката не им е јасно зошто и со кое право директорката денеска ги злоупотреби дечињата и просториите во градинката за партиски цели.

СДСМ најостро го осудува ваквото недозволиво, самоволно и непрофесионално однесување на директорката назначена од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ бара директорката на градинката „Јасна Ристеска“ веднаш да понесе одговорност и да поднесе неотповиклива оставка. За скандалот градоначалникот на Охрид има обврска неодложно да преземе мерки за овој крајно неодговорен и недостоен чин на злоупотреба на децата од претшколска возраст.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.