Груевски – Петерле: Интеграциските процеси темелна определба на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес оствари средба со ко-претседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет на Република Македонија и Европската Унија, Алојз Петерле.

На средбата соговорниците разговараа за интеграциските процеси на Република Македонија, реформите кои се реализираат во повеќе општествени сфери и исполнувањето на мерките согласно планот за напредок и членство на државата во Европската Унија и НАТО, како темелна определба на Република Македонија.

Премиерот Груевски подвлече дека за Владата членството во Европската Унија претставува значајна стратешка определба за што интензивно се работи во реализацијата на понатамошни реформи кои ќе овозможат напредок. Тој истакна дека мерките кои се преземаат во економијата, креирањето на поволна бизнис клима, стимулирањето на инвестициската активност, се со цел да се помогне на стандардот на граѓаните во насока на негово зголемување, внесување на стабилност и сигурност кај граѓаните.

Премиерот Груевски посочи дека паралелно се преземаат мерки во повеќе општествени области чија цел е исполнување на зацртаните критериуми, подобрување на квалитетот на работата и овозможување на напредок во различните полиња, за што е потребно откочување на процесот и напредок во интеграциските процеси на државата.

На средбата беа разменети мислења за актуелната политичка ситуација во државата, при што премиерот Груевски ја истакна важноста и се заблагодари на активната поддршка и иницијативност, и на Мешовитиот парламентарен комитет и на Европската Унија за надминување на политичката криза.

Соговорниците разговараа и за надворешно политичките односи важни во процесот на европски интеграции, при што премиерот Груевски ја истакна значајноста на регионалната соработка на повеќе нивоа, како и определбата на државата за градење на добрососедска политика.