Манчевски: Лично НиколаГруевски стои зад огромниот криминал во Скопје 2014

Обраќање на Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ на дебата на тема „Скопје 2014 низ призма на граѓаните“.

„Почитувани граѓани, драги кампери на слободата,

На денешната трибина имав намера да ви се обратам како координатор на советничката група на опозицијата во советот на град Скопје. Да ви зборувам за над 40-те милиони евра кои само преку град Скопје оваа година ќе се потрошат за Скопје 2014. За нови барокни фасади, за нови плоштади и фонтани, за админстративна зграда на ЈП Водовод, за Градската куќа на Коце Трајановски, за нов карусел. Меѓутоа, се одлучивме за нешто друго. Се одлучивме конкретно да ви прикажеме кој е идејниот творец, планер, дизајнер и реализатор на Скопје 2014. Се одлучивме многу конкретно и со свои зборови, самиот Никола Груевски да признае дека лично тој стои зад огромниот криминал во Скопје 2014.

Најпрвин ќе слушнеме разговор помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиевски, во кој Никола Груевски мести и преместува министерства. Разговор во кој ќе слушнете дека многу државни институции се вселени во своите објекти на диво. Ќе слушнете дека за злосторничкото здружение на Никола Груевски не важи закон, бидејќи кој можел да им прави проблем. Да го слушнеме првиот разговор.

Во следните три разговори помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиевски ќе ви стане многу јасно кој стои зад Скопје 2014. Никола Груевски црта и прецртува балкони на барокен хотел, се занимава со изведувачи на работа на објектите, си признава дека Валентина Стефановска е режимска скулпторка. Во вториот разговор тој на основа на слика од фонтана во Рим, сака да изгради идентична позади Универзалната сала, со обелиск. Лично Груевски утврдува локации за институции, но и планира згради за фирми во барок стил. Премиерот во заминување бира идејни решенија за Кулата на Водно за наводно независната Агенција за електронски комуникации, бира дури и идејни решенија за катни гаражи, споредува стилови и се занимава со уметнички впечатоци. Оној кој по Уставот и законот е прв во државата се занимавал со се, само не со својата работа. Наместо да биде премиер на граѓаните на Македонија, Никола Груевски бил архитект и дизајнер на ентериер. Ете затоа денес државата ни е на ова ниво. Да ги слушнеме трите разговори.

Апсурдот да биде уште поголем, овој човек се занимава и со дизајнот на автобусите на ЈСП. Никола Груевски, се уште премиер на една европска држава, бира платно за столиците во автобусите, прашува какво ќе било озвучувањето, па какви рекламни табли или паноа ќе имало. И она што очигледно слушнавме дека му е пасија од разговорот за Мерцедесот од 600.000 евра, сака телевизорчиња и во автобусите на ЈСП Скопје. Во еден дел од разговорот тој дури сака и на автобусите да стави нешто портокалово, да го одбележело времето во коешто сме живееле.

Нема потреба Груевски од портокалово на автобусите. Скопје 2014 ќе остане засекогаш надгробен споменик на твојот режим. Да ја слушнеме следната снимка од разговот помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиевски.

Во следните снимки, самите функционери од злосторничкото здружение ќе ви се претстават колку забегале. Во првиот разговор од овој сет, Мартин Протуѓер му предлага на Миле Јанакиевски во Скопје да се направи Дизниленд. Ќе слушнете и како Коце Трајановски планира да го пришири постоечкиот Луна Парк на сметка на зеленилото од паркот. Во вториот разговор од овој сет, Никола Груевски во присуство на поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, разговара со Миле Јанакиевски и бира каква административна зграда треба да има општина Центар. Од разговорот ќе слушнете како Миле Јанакиевски испланирал 15 катна барокна зграда, што дури и за Никола Груевски е премногу грда. Во текот на разговорот Никола Груевски му одржува кратка лекција на Јанакиевски од барок и колку видово на барок постоеле. Да ги слушнеме следните два разговори.

Разговорот кој следи е многу важен. Тоа е повортно разговор помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиевски. Еден од многуте на тема Скопје 2014. Но, во овој разговор ќе дознаеме која е причината зошто државата сеуште не му го дава на управување градежното земјиште на општина Центар. Тоа е заради Шпанските скали и барокниот хотел и деловен простор кој треба да се изградат на плоштадот Македонија. Но, во овој разговор ќе слушнете и каков договор паднал помеѓу Никола Груевски и Стевче Јакимовски. Овие двајца злосторници се договориле веднаш по локалните избори Стевче Јакимовски да отпушта вработени од општина Карпош за да направи место за партиската војска на Никола Груевски. Ќе слушнете која беда им се подготвува на луѓето и како си поигруваат со човечки судбини, само за да Груевски ги оствари своите болни планови. Слушнете го овој, осми разговор за денес.

Следуваат уште два разговори. Првиот е помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиевски, но се вклучува и Елизабета Канчевска Милевска. Овој разговор е поразителен за сите македонски граѓани. Во овој разговор министрите на Груевски признаваат дека на многу објекти коишто биле под заштита како споменици на културата, им го одземале тој статус, за да како што самите велат, правеле што сакаат. Ќе слушнете како овие злосторници си играат, го бришат и препишуваат нашиот идентитет, култура, наследство. Менуваат фасади на објекти во барок и потоа пак ги ставаат под заштита како споменици на културата.

Во вториот разговор од овој сет, Никола Груевски дебатира со Миле Јанакиевски околу тоа дали зградата кај Соборната црква треба да биде во барок или класицизам стил.

Со последните две сники кои ќе ги слушнеме денес се разобличува целото злосторничко владеење на Никола Груевски. Во деветтиот разговор за денес, Груевски лично признава дека државата веќе нема пари. Затоа тој бара од Јанакиевски наместо мермер кој до тој момент користеле за иградба на зградите, да почнат да користат поефтин, како тој што го нарекува специјален малтер. Сепак, Груевски инсистира АЕК, бидејќи имала пари, својот објект да го изгради од мермер.

Во последниот разговор за денес, Груевски разговара со Силвана Бонева со која подготвува стратегија за настап на неговите пратеници за седница за пратенички прашања во Собранието. На седницата се очекуваат незгодни прашања за министерката Елизабета Канчевска Милевска, во врска со парите кои се потрошени за Скопје 2014. Груевски одлучува Канчевска Милевска да не се појави на седницата, за да не треба да одговара за народните пари кои ги потрошил на својот раскош и луксуз. Како што вели самиот Груевски, ако кажеле колку пари потрошиле на Скопје 2014, ќе губеле. Подготвен е на се, само за да ја скрие вистината. Да ги слушнеме последните 2 разговори за денес.

Бадијала се криеш Груевски. Вистината за Македонија и за Скопје 2014 целосно излезе на виделина. Денес ни е јасно зошто немаме нови училишта, ама имаме музеи. Денес ни е јасно зошто немаме нови болници, ама имаме барокни згради. Денес ни е јасно зошто немаме нови патишта, ама имаме споменици. Денес ни е јасно зошто немаме пари за бесплатен превоз на студентите, ама имаме автобуси со сараунд каков што сакаш. Денес ни е јасно зошто граѓаните на Македонија се толку сиромашни и несреќни.

После се што слушнавме, денес ни е кристално јасно на сите, на сите граѓани на Македонија зошто треба веднаш, без одолговлекување да поднесеш итна и неотповиклива оставка.

Денес сме сигурни дека ова веќе никогаш нема да и се повтори на Македонија. Денес сме сигурни дека е готово Никола. Збогум Никола.“- истакна Манчевски.

Obrakjanje, Manchevski

Извор: www.sdsm.org.mk