Запленети цигари и алкохол, девизи, техничка стока и фалсификат прашок за перење

Mинатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, цигари, технички производи, алат, медицински материјали, средства за лична хигиена, козметика и фалсификати. Во соработка со Полицијата, спречен е и 1 обид за шверц на хероин.
Задржана е следната стока:

Цигари
– 185 штеки цигари марка PALLMALL со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари биле сокриени во два специјално подготвени бункери во фиоката за документи пред совозачкото седиште, како и во подот под возачкото и совозачкото седиште на возилото.

– 150 штеки цигари марка Merilyn без акцизни маркички, откриени од страна на мобилните царински тимови во фабричките празнини во подот на турски автобус, што сообраќал на релација Косово – Турција, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Како сопственик на цигарите се пријавил возачот на автобусот – македонски државјанин.

– 13штеки цигари марка NEXT и LEADER без акцизни маркички, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Дојран. Цигарите се пронајдени во специјално направена преграда помеѓу задните седишта и багажниот простор на возилото.

Алкохолни пијалоци
– 67 шишиња со алкохолни пијалоци (домашна ракија, виски, водка, коњак, ликери, текила, узо, мартини, рум, ракија и џин) се привремено задржани бидејќи при контрола на употребата на контролни марки во малопродажни и угостителски објекти во Битола, Охрид, Ресен и Струга е утврдено дека истите или воопшто не биле означени со акцизни маркички или биле означени со стари неважечки контролни марки. За дел од задржаната стока, сопствениците не поседувале ниту сертификат за квалитет.

Девизи
-7.800 американски долари, откриени при контрола на патна торба, оставена на седиште во македонски автобус управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Пронајдени се 10.000 американски долари, завиткани во два пара чорапи и хартија. Сопственикот на патната торба, македонски државјанин – патник во автобусот не поседувал документи за потекло на девизите. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2.200 американски долари – противвредност на 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.

Техничка стока и алат
-17 разни технички производи и алати (водна пумпа, вентил, потенциометар, противпожарна опрема и алати), откриени во два одвоени случаи, при контрола на две товарни возила пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.
Во првиот случај, при контрола на празно грчко комбе, управувано од грчки државјанин,се пронајдени водна пумпа, вентил и потенциометар.

Во вториот случај, при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин пронајдени се 10 парчиња опрема за противпожарна заштита (електронски табли и оптички сензори) и 4 парчиња алат (хилта, рачен струг и сет рачни алати).

Медицински материјали, производи за лична хигиена и козметика
– 1.000 пластични шприцеви со по 11 ml ENDOSGEL и 1.000 пластични катетри, откриени при контрола на македонски автобус, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, сопственост на патник во автобусот – македонски државјанин, биле пронајдени во две картонски кутии сместени во багажниот простор на автобусот.

– 111 разни производи (ремени за затегнување за ТМВ, влажни марамчиња, течен сапун, средство за миење садови, креми и шампони EUCERIN), откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево. Непријавените производи биле пронајдени во две торби со лични работи на возачот сместени во кабината на возилото, на креветите за одмор и во сандакот за алат.

Хероин
Царинските службеници од царинската испостава Табановце автопат, во соработка со полициските службеници од граничниот премин, спречија обид за криумчарење на хероин.

На ден 27.05.2015 година, во вечерните часови, за излез од државата се пријавила бугарска државјанка, која била селктирана за детален преглед. Додека царинските службеници вршеле преглед на рачна торба и кеси со храна, приметиле дека патничката фрлила две пакетчиња во внатрешноста на претходно прегледана патна торба. При повторен преглед на торбата биле пронајдени двете пакетчиња, облепени со проѕирна леплива лента и исполнети со околу 200 грама кафеава прашкаста материја, за која со тестер било утврдено дека се работи за хероин.

Хероинот и лицето биле предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 350 килограми прашок за перење (50 пакувања од по 7 килограми) со лого на заштитена трговска марка, откриени на царинската испостава Тетово, при контрола на стока со потекло од Турција, пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Тетово.