Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против А.А. (18) од Кичево.
Пријавениот, во текот на септември, октомври и ноември 2014 година, со својот мобилен телефон снимил, зачувал, а потоа дистрибуирал фотографии и видео материјал со порнографска содржина од неговата малолетна девојка. Тој откако на различни локации во Кичево го снимил порнографскиот материјал, преку програмите за Интернет комуникација WhatsApp и Viber ги дистрибуирал до поголем број сопственици на мобилни апарати и ученици во средното училиште во Кичево.
Во текот на март годинава, полициски службеници инспектори за малолетници, извршиле разговори со малолетната ученичка во присуство на нејзината мајка, претставник на Центарот за социјални работи од Кичево како и со директорот на средното училиште каде учеле малолетничката и пријавениот.
Во разговор извршен и со пријавениот, во присуство на неговиот татко, пред полициските службеници и претставници на Центарот за социјални работи од Кичево, А.А. ги појасни начинот и околностите под кои го извршил кривичното дело.
По вештачењето на мобилниот телефон сопственост на сега пријавениот извршено во Министерството за внатрешни работи во Скопје-Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, потврдено е дека од мобилниот уред „Soni Xperia“ сопственост на А.А. од Кичево, преку програмите за интернет комуникација, испратени се повеќе фотографии со порнографска содржина. Притоа потврдено е дека женскиот лик на фотографиите со соодветен реден број е идентичен со ликот на малолетната девојка. Воедно, констатирано е дека машкиот лик на фотографиите со соодветен реден број е идентичен со ликот на пријавениот А.А.