Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Р.Словенија во Р.Македонија, Бранко Раковец.
Тема на состанокот беа шансите за продолжување на разговорите од Брисел и можностите за решавање на политичката криза во Македонија низ дијалог.
Пренесена е загриженост за длабоката политичка и државна криза во Македонија, на којашто почнува да се гледа како на голем ризик за земјата и регионот.
„СДСМ е ориентирана кон изнаоѓање решение по мирен пат и утврдува чекори што ќе бидат импут во таа насока. Она што е неоходно е Владата што треба да ги организира следните избори во Македонија да не ја води креаторот на кризата и да се утврдат контролни механизми што ќе спречат натамошни злоупотреби и криминални активности во предизборни цели,“ рече претседателот Заев, кој изрази надеж дека и другата страна во разговорите ја сфаќа сериозноста на ситуацијата и ќе се постави соодветно на неа.
Претседателот на СДСМ објасни дека преодната Влада отвора можности за справување со сите нотирани критични области во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и ЕК, како што се разделувањето држава – партија, независни институции, ослободено судство и медиуми од контролата на власта, што ќе биде и значаен исчекор во европските перспективи.
„Опозицијата веќе разгледува алтернативни демократски механизми што ќе ги употреби кон целта – слободна и демократска Македонија, доколку во следните 10-тина дена нема разговори и договор за начинот на разврска на кризата,“ рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев на денешната средба со амбасадорот на Р.Словенија во Р.Македонија, Бранко Раковец.