Заврши тридневната работилница за гитара во Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево, која ја водеше врвниот гитарист Влатко Стефановски. Работилницата е дел од проектот на Министерството за култура за отворање „Регионален центар за млади музичари од ЈИЕ“.
Работилницата на која учествуваа 70 млади од Србија, БиХ и Македонија, денеска ја посети министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска. Според неа, со работилницата за гитара успешно профункционирал тој Регионален центар.
„Работилницата за гитара е прв дел од Регионалниот центар. Седумдесет учесници ја изучуваа гитарата, покажаа голема љубов и посветеност. Влатко Стефановски им пренесе големи искуства, знаење и љубов кон овој инструмент. В година ќе има нова работилница со други инструменти. Целта е овој Спомен дом на Тоше Проески да прерасне во Регионален центар за младите да добијат искуство и знаење“, рече Канческа Милевска.
Влатко Стефановски, кој со музичарот Христо Христовски со младите работеше три дена, истакна дека е направен голем напредок во изучување на гитарата.
„Оваа работилница е над сите очекувања. Децата беа посветени. Имаат знаење и таленти и задоволен сум и исполнет. Крушево има посебна енергија. Се обидовме да ги стимулираме младите да бидат свои и оригинални“, изјави Стефановски.
Иво Јанковски од продукцијата „Трето уво“ која ја организираше работилницата, смета дека младите биле инспирирани од прекрасниот амбиент во Спомен домот на Тоше Проески.
Градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчевски нагласи дека ова е можност за афирмација на Крушево, на Спомен куќата на Тоше Проески, која ќе биде расадник на музичари.
Младите од регионот добија сертификати за учество во работилницата, а во 18 часот пред Македониумот на Гумење ќе одржат заеднички завршен концерт.