На летната сцена „ Долни Сарај“ , синоќа свечено беше отворено годинешното 54. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, најстарата фолклорна манифестација на Балканот и еден од најпретпознатливите и највредни делови од богатиот македонски и охридски културен мозаик. На учесниците на фестивалот топло добредојде во Охрид и успешни настапи им посака градоначалникот Никола Бакрачески.
„Од овде, од прекрасната летна сцена „ Долни Сарај“, од вечерва па до 11 јули, низ песната, орото и музиката, фолклористите од повеќе земји ќе упатуваат универзални пораки за хуманизам, презентирање на сопствениот национален идентитет, јазикот, културното наследство и иднината. Иднината на светската цивилизација е почитуање на различностите, меѓусебна соработка и градење доверба. Овие пораки уште се посилни, зошто се упатуваат од древниот Охрид, градот каде сите цивилизации оставале свои траги, кои не обврзуваат и ние како генерација да оставиме свои белези.
Коолоритот на носиите, песната, играта и јазикот на многу народи, деновиве ќе не разгалуваат и ќе создаваат амбиент во кој растреперуваат срцата и се будат сите човекови сетила.Таквото суптилно преплетување на културните вредности ќе го почуствуваат и бројните домашни , а посебно странските туристи од речиси сите страни на светот“- рече градоначалникот Бакрачески.
Балканскиот фестивал на народни песни и игри за отворен го прогласи покровителот, претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Велјаноски.
„Македонскиот народ како што знае да се радува, но и да тагува преку својата народна песна и игри,така отворено и искрено ги почитува културните и националните вредности како на нашите сограѓани од другите етнички заедници така и оние од регионот и пошироко. Ова на своевиден начин го потврдуваме преку оваа наша фолклорна манифестација, заедно со сите педесет илјади учесници кои оставиле белег во овие 54 години на одржување на Балканскиот фестивал на народни песни и игри“- рече претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Велјаноски.
На првата фестивалска вечер настапи Националниот ансамбл за македонски народни песни и ора „ Танец“, а следниве денови ќе настапат уште неколку ансамбли од Македонија, Хрватска, Турција, Полска, Канада, Србија, Унгарија,Турската Република – Северен Кипар и Бугарија.