Одбeлежување на 20-та годишнина од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Државата Израел

По повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Државата Израел, во периодот од денес до 21-ви јули, во неколку градови низ земјава ќе се организираат бројни пригодни свечености со кои ќе се одбележи овој свечен јубилеј, како неколку културни настани, отворање на изложби и филмски проекции и организирање на свечени приеми во Битола, Охрид и Скопје.

Манифестациите започнуваат во Охрид, од денес до 18-ти јули, со отворање на Израелски филмски фестивал и изведба на театарската претстава „Нашиот клас“. На 19 јули во Битола ќе се организира изложба во хотелот „Епинал“ и истата театарска претстава во Народниот театар. Во Скопје на 20-ти јули, во просториите на Еврејскиот дом, ќе биде организирана изложба на фотографии од двете земји под наслов ,,Израелско око на Македонија и македонско око на Израел“, а вечерта ќе се одржи свечен прием по повод Денот на независноста на Израел. Одбележувањето на јубилејот завршува на 21 јули во Македонскиот народен театар со прикажување на претставата „Нашиот клас“ од страна на Израелскиот Народен театар.

Носители на активностите се Министерството за надворешни работи на Република Македонија, културната манифестација „Скопско лето“, Еврејската заедница од Република Македонија и Министерството за надворешни работи на Државата Израел.

На настаните ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, заменик министерот за надворешни работи на Република Македонија Драгана Кипријановска, како и градоначалниците на градовите Битола, Охрид и Скопје.

Во свечениот дел на програмата најавено е присуство на највисоки официјални лица, претставници на дипломатскиот кор и на Еврејската заедница во земјата и на други бројни гости.