Канческа-Милевска присуствуваше на филмскиот фестивал „Џифони иксуство“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во текот на вчерашниот ден престојуваше во градот Џифони, Република Италија, каде што присуствуваше на еден од најголемите и најзначајни филмски фестивали за деца и млади во светот, „Џифони искуство“, на кој Република Македонија учествува по 14-ти пат.

Во рамките на посетата, Канческа-Милевска оствари работна средба со градоначалникот на градот Џифони (Giffoni Valle Piana ), Паоло Русомандо, на која присуствуваа и амбасадорот на Република Македонија во Република Италија, Оливер Шамбевски; амбасадорот на Република Италија во Македонија, Ернесто Масимино Белели и директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башески. На средбата беа разменети мислења околу соработката меѓу двете земји на сите нивоа и во сите општествени сфери, а особено беше изразено задоволството од досегашната соработка меѓу двете земји во областа на културата. Канческа–Милевска го истакна гостувањето на реномирани уметници од Италија во нашата земја, како и реализацијата на многубројни проекти по повод претседателството на Република Италија со Европската Унија. Таа додаде дека македонската култура во оваа за нас пријателска земја е претставена преку гостувања на повеќе македонски уметници, како и со реализацијата на манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“, која традиционално секоја година се одржува во Рим. Градоначалникот Русомандо, од своја страна, ги презентираше актуелните проекти и програми на општината, а изрази подготвеност и за продлабочување на соработката преку можност за збратимување на градот Џифони со некоја од општините во Република Македонија. Двајцата соговорници на средбата изразија уверување дека соработката ќе продолжи и ќе се продлабочува со реализација на проекти.

Во текот на вчерашниот ден министерката за култура оствари средба и со основачот и уметничкиот директор на фестивалот „Џифони искуство“, Клаудио Губитози, како и со Пјетро Риналди, претседател на фестивалот.

Канческа-Милевска се сретна и со 12-те македонски учесници на фестивалот, кои се дел и од меѓународното жири на оваа манифестација. На средбата тие ги споделија своите искуства и сознанија стекнати во текот на досегашното дружење со своите врсници од целиот свет. Министерката за култура, исто така, имаше свое обраќање пред учесниците на фестивалот на кој беше претставена македонската кинематографија преку четири краткометражни филмови. За време на посетата, Канческа-Милевска посети повеќе локации на кои се одржува фестивалот„Џифони“, оствари гостување на италијанската регионална телевизија, а присуствуваше и на „Македонската вечер“ на која пред учесниците беа претставени културното богатство на Република Македонија и македонски производи.

Манифестацијата „Џифони“, која е своевиден бренд на Република Италија, има огромно значење за младите луѓе од целиот свет бидејќи преку неа се воспоставува една културна синергија меѓу државите и младите таленти. Република Македонија и македонската метропола веќе трета година се домаќини на регионалниот фестивал „Џифони-М“ со кој даваме свој придонес во развојот и афирмацијата на светската кинематографија за млади, како и во развојот на филмската култура на младата популација на меѓународно ниво. Годинашното трето издание на фестивалот „Џифони-М“ во нашата земја ќе се одржи од 7 до 11 октомври.