Билатерална средба на експертско ниво меѓу директорите на македонската и албанската полиција

Поефикасна размена на искуства, изнаоѓање заеднички поефективни механизми за справување со актуелните миграциони текови и зголемена соработка во областа на организираниот криминал и исламскиот екстремизам, беа централните теми на разговори на билатералната средба на експертско ниво меѓу директорите на македонската и албанската полиција, што денес се одржа во Охрид.

Билатералната соработка помеѓу полициските служби на Република Македонија и Република Албанија се одвива согласно правната регулатива и протоколот за соработка, низ практична имплементација на применетите форми на прекугранична и оперативна полициска соработка, рече во своето излагање директорот на бирото за јавна безбеднсот на Република Македонија м-р Горанчо Савоски. Бирото за јавна безбедност и сите државни институции во Република Македонија се подготвени за соработка во изнаоѓање на соодветни решенија, преку размена на искуства, навремена размена на информации посебно за лица помагачи на илегалните мигранти, потенцира директорот Савовски. Додаде дека борбата со организираниот криминал и организираните криминални групи од лица државјани од двете земји, претставува еден од главните приоритети во работата на БЈБ. Посветени сме кон силни и континуирани заложби за развивање на билатералната соработка, поефикасна методологија и тактика за подобро заедничко справување со криминалните групи,поуспешна борба против сите активности на криминалните групи во двете земји и прекуграничниот криминал, борбата против тероризмот и идентификување на лицата кои учествуваат во странски воени или паравоени формации, нагласи директорот Савовски.

Интензивирање на меѓусебната соработка и договарање конкретни чекори за воспоставување на заеднички работни групи и оперативни тимови за водење заеднички истраги и собирање докази е од круционално значење и заеденички интерес на македонската и албанската полиција, рече на денешната средба директорот на државната полиција на Република Албанија Хаки Чако. Тој додаде дека е потребна интензивна и реална размена на информации за поуспешно менаџирање на државните граници и контролирање на движењето на имигрантите ни з Македонија и Албанија како транзитни земји. Директорот Чако додаде дека соработката мора да биде и во делот на поуспешно гонење на сите криминални организации во извршување на прекуграничниот криминал.

Од денешната билатералната средба на експертско ниво меѓу директорите на македонската и албанската полиција, произлегоа неколку заклучоци: формирање координативно тело што ќе ги обединува активностите на заедничките тимови по области на криминал со контакт точки, формирање тимови и средби на опаративно ниво со вклучување на јавните обвинители,тимско заедничко постапување во сузбивање на прекуграничниот криминал и недозволената трговија со дрога и оружје, на добра и стоки што ги прават мобилните криминални групи во извршувањето на разбојништвата, тешките кражби и насилниот криминал како и целосно усогласување на протоколот за прекугранично константно гонење и негово потпишување до крајот на оваа година.