Претседателот на СДСМ со телеграма со сочувство до семејството на Џон Битов

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, испрати телеграма со сочувство до семејството на Џон Битов, почитуван стопанственик во Канада со потекло од Р.Македонија, еден од најистакнатите водачи на канадско – македонската заедница во Торонто и голем афирматор на Република Македонија во светот.

„Изразувам искрено и длабоко сочувство за смртта на големиот пријател на Македонија, Џон Битов, во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Ги споделуваме со вас тагата и болката за големата загуба, што е голема загуба и за граѓаните на Република Македонија и за илјадниците граѓани кои живеат надвор од Македонија, на кои големиот афирматор на Р.Македонија во светот, почитуваниот Џон, несебично помагаше.

Неговиот придонес, во кампањите за помош на Македонија, во помошта на раселени лица од Балканот во Канада кои под негова закрила успеваа да застана на нозе, неговата улога како познат и почитуван човек од деловниот свет во искрените и значајни заложби кај владите во Канада и САД за поддршка на Република Македонија во политичкиот и економскиот живот, се значајни дела што ги остави зад себе.

Тие дела остануваат вечен и достоинствен пример како се сака и се почитува потеклото, како се сака и почитува Република Македонија и тоа нека биде мала утеха во овие тешки моменти по неговото заминување.“–  стои во телеграмата.