Кривична пријава за скопјанец поради разбојничка кражба

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „разбојничка кражба“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Р. (38) од Скопје. Него одредена му е мерка притвор во траење од триесет дена.

На седми овој месец, пријавениот заедно со уште едно засега непознато женско лице, со подесен алат ги скршиле двата катинари од метална решетка поставена на влезната врата од продавницата „Заум пром-Маргарите“ ДООЕЛ Охрид лоцирана на улицата „Јане Сандански“ во Охрид.

Настанот се случил во 03 часот и 30 минути, кога двајцата, со патничко моторно возило марка „Фолксваген-пасат“ со скопски регистарски таблици пристигнале пред продавницата. Тука, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, го употребиле алатот, насилно влегле во продавницата и од касата одзеле 1500,оо денари. Потоа од работните сталажи одзеле разновидни марки цигари и ги ставиле во најлонски црни кеси кои ги имале со себе.

За кратко време, кон продавницата се упатила сопственичката која претходно, од граѓанин била известена за кражбата. Забележувајќи ја сопственичката и оставајќи ја најлон кесата, двајцата влегле во патничкото возило сопственост на С.Р. и избегале. При паничен маневар со возилото, сега притворениот С.Р. со задниот дел од автомобилот ја удрил сопственичката на продавницата нанесувајќи и телесни повреди.

На 11 овој месец, С.Р. е приведен во полициска станица во Скопје, а по овластување на Јавен обвинител е повикан во СВР Охрид заради вршење на процес за негово препознавање.