Концерти, изложби, фолклорни настапи низ цела Македонија

Богати програмски содржини следуваат во текот на неделава во општините низ земјава …

Во општина Свети Николе во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“ на 26 август, среда, на летната сцена со почеток во 20 часот и 30 минути ќе се одржи шоуто за деца насловено „Ѕвездичките повторно блескаат“.

Наредниот ден, четврток, ќе се реализираат два настана. Имено, во салонот на Библиотеката во градот со почеток во 13 часот сите љубители на ликовната уметност ќе можат да присуствуваат на ликовната изложба „Лесново“, а вечерта, пак, на платото пред Железната порта, со почеток во 20 часот и 30 минути, граѓаните ќе имаат можност да ја проследат видеопроекцијата „Театар на филмско платно – ретроспектива Секс бомба“.

Сите жители и посетители на Малешевијата во текот на август ќе можат да бидат дел од богатата културна програма на општина Берово. Имено, во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“, која се организира со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, на 27 август, четврток, во 12 часот на Градскиот плоштад „Димитар Беровски“ свечено ќе биде отворен фестивалот „Етноплоштад фестивал“.

По тој повод, во 12 часот и 30 минути свој настап ќе имаат членовите на Културно-уметничкото друштво „Димитар Беровски“. Исто така, ќе биде отворен и саемот насловен „Малешевијата на дланка“, во чии рамки изложувачите ќе може да направат презентации на производите што ги изложуваат. Денот ќе се заокружи со неколку концертни претставувања. Во 20 часот на плоштадот први свој настап ќе имаат членовите на дувачкиот оркестар „Уска кан“, по што следува настапот на кралицата на ромската песна, Есма Реџепова.

Потоа следува концертот на балканската ѕвезда Здравко Чолиќ, а ноќта ќе се заокружи со диџеј сет на „Сикрет гарден шоу“.

Во општина Валандово манифестацијата „Топол културен бран“ ќе се заокружи в четврток, 27 август, со изложба на делата создадени во рамките на Ликовната колонија – Валандово 2015, која ќе биде отворена во Домот на културата со почеток во 20 часот.

За 26 август, среда, во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино со почеток во 20 часот е закажана театарската претстава „Љубовник со висок стил“ во изведба на Аматерскиот театар при Домот на културата „Мирка Гинова“ од Демир Капија, а во режија на Томе Атанасов.

На Градскиот плоштад во Македонска Каменица, за 26 август е закажан диџеј хепенинг – „True Sound of Kamenica vol. 3“, музички фестивал, на кој ќе настапи македонкиот диџеј Оливер Петковски.

Наредниот ден, 27 август, на Градскиот плоштад македонската група „Силви бенд“ ќе го одржи концертниот мјузикл „Коштана“,со почеток во 20 часот.