ОО на СДСМ Дебрца, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски пред неколку дена најавувајќи инфраструктурни проекти во општина Дебрца се испофали дека благодарение на Владата на РМ, предводена од ВМРО ДПМНЕ и неговиот труд општина Дебрца добила нов лик. Многу е лесно во функција на популистичка кампања сам да се фалиш, но дали фактичката состојба е таква !?
Во оваа прилика ги запознаваме граѓаните на Дебрца и пошироката јавност со еден детал од вистинската слика на Дебрца.
Неколку месеци наназад дел од фекалната канализација во село Оровник наместо како рецепиент да го има Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, се излева во локалната река, која гравитира кон Охридското Езеро.
Имено, претходната зима, како резултат на надојдените води дојде до оштетување на канализационите цевки кои поминуваат низ речното корито, во непосредна близина на погонот за дрвна индустрија и фекалните води директно течат во реката, со што предизвикуваат штетни последици по здравјето и имотот на локалните жители и деградација на пошироката животна и природна средина. И покрај реакциите и барањата на локалното население до општината и јавното комунално претпријатие состојбата да се санира, до денес ништо не е преземено.
Апелираме до Градоначалникот на општината, веднаш, без одлагање да ги задолжи одговорните во јавното комунално претпријатие да ја санираат состојбата и фекалната канализација ја доведат во исправна состојба.
Во иднина, наместо да водат популистички кампањи и да се сликаат во функција на истите повеќе да се заложат за решавање на секојдневните проблеми на граѓаните на Дебрца. “- стои во соопштението.