Мирот, образованието и културниот и религискиот дијалог се темел на благосостојбата на човековото постоење. Културата и образованието се оние фактори преку кои државата се интегрира во светот, благодарение на нив таа станува јасно препознатлива и се идентификува во меѓународниот контекст.
Ова денеска го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на Меѓународната конференција „Образование 2030 и интеркултурен меѓурелигиски дијалог“ која се одржува во рамките на глобалното одбележување на 70 години УНЕСКО.
„Република Македонија, веќе долго време успешно и ефективно е вклучена во големите европски и меѓународни проекти за партиципација на населението во образованието како дел од Милениумските цели на ОН. Токму затоа во овој период на глобализација на секое ниво, големиот проект на УНЕСКО- „Образование 2030“ поставува, нови искушенија и предизвици за масовно образование и култура за новите информатички, дигитални и технолошки системи, совладување со темелните светски културни придобивки, развој на креативноста на трудот и културното живеење“. истакна Канческа-Милевска.
Министерката потенцира дека со оддржувањето на оваа конференција, со која нашата држава се приклучува кон седум децениското постоење на УНЕСКО, дава можност да се истакне вложувањето на Македонија во остварувањето на политиката на дијалог меѓу културите, остварувањето на универзалниот културен простор по принципот на еднаквост и почитување на различностите, постулатите на кои се базира оваа влијателна организација.
Деканот на Филозофскиот факултет – Скопје Горан Ајдински истакна дека функционирањето на катедрата УНЕСКО за интеркултурни студии и истражување е од исклучително значење за Филозофскиот факултет која, како што рече, е најстара високо образовна институции во рамките на УКИМ.
„Програмите кои досега се реализираа во рамките на Филозофскиот факултет се во функција на градење на капацитетите на високо образовните установи и истражувачки институти, во различни области кои преставуваат дел од приоритетите и целите на високото образование во Република Македонија“, рече Ајдински.
Според него, катедрата на УНЕСКО ќе даде значаен придонес во развојот на образовните и демократските вредности во македонското општество, посебно со почитувањето човековите права и толеранцијата.
Лидија Георгиева, раководител на Катедрата на УНЕСКО за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет, истакна дека според иницијативата и документите на нацрт-верзијата на проектот Образование 2030: Кон инклузивно и еднакво квалитетно образование за доживотно учење за сите, се поводот на денешната конференција преку која, како што рече, да ги обединиме нашите приоритети и цели во однос на образованието, интеркултурниот и меѓурелигиски дијалог.