Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медиумите истакна:
„Денеска имавме голема чест, на покана на претседателот на Израел и неговиот кабинет, да бидеме гости, јас и дел од луѓето од Социјалдемократскиот сојуз, коишто се претставници на нашите комисии, во присуство на амбасадорот амбасадорот на Македонија во Израел и во присуство на амбасадорот на Израел за Република Македонија.
Се работи за протоколарна средба на којашто со претседателот Ривлин разговаравме за многу аспекти за унапредување на соработката помеѓу нашите две земји. Секако се разговараше за земјоделието, разговаравме за енергетиката, менаџментот со водите, за унапредување на телекомуникациската соработка. Разговаравме и за онаа соработка којашто е веќе воспоставена, во делот на одбраната и едукацијата на Армијата. Секако разговаравме и за многу други аспекти коишто ќе бидат тема овие денови, овде за време на посетата, пред се за делот за којшто ќе оствариме средба со бизнисмените. Се надеваме дека ќе покренеме идни конкретни чекори на взаемни трговски соработки, но и потенцијални можни инвестиции во Македонија.
Претседателот навистина покажа голем респект кон нашата земја и со поканата и со одделеното време за самата средба. Запознаен е со состојбите во Македонија, но имаат и многу драгоцени искуства како едно мултиеничко општество коишто можат да ги споделат со нас како граѓани на Македонија.
Навистина сме задоволни заради тоа што оваа чест којашто денеска е укажана верувам дека ќе биде само од полза за унапредување на соработката помеѓу нашите народи.“– изјави Заев.