Рано утрово, во полициската станица во Кичево, приведен е Р.Л. (55) од кичевското село Колибари. Него, јавниот обвинител му одреди мерка притвор во траење од 30 дена. По насоки на обвинителот, полициските службеници со приведениот водат разговори во врска со постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „противправно лишување од слобода“ и „силување“.
Лицето е приведено откако вчера околу 18 часот, во полициската станица во Кичево, против него е поднесена пријава од страна на Н.М. (39) од прилепското село Јакренево. Таа пријавила дека Р.Л. пред околу два месеца ја лишил од слобода и била присилно чувана во неговата куќа во Колибари. Во тој период, според зборовите на пријавителката била физички малтретирана и силувана. Во текот на вчерашниот ден, Н.М. успеала со вилушка да ја отвори вратата од куќата каде била затворена и со автостоп стигнала до Кичево каде во полициската станица го пријавила кривичното дело.
По добивање на информацијата, полициските службеници од полициската станица во Кичево презедоа мерки за пронаоѓање на можниот сторител. Р.Л. утрово околу 7 часот е приведен од неговиот дом во Колибари. По целосно расветлување на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава.