Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за медиумите истакна:
„Благодарни сме, во името на граѓаните на нашата земја, за целосната поддршка на социјалистите и демократите во европските институции кои секогаш ја поддржувале Македонија, почнувајќи од поддршката за добивање на кандидатскиот статус, визната либерализација и поддршката за побрз почеток на преговорите за членство.
Социјалистите и демократите во институциите на ЕУ се вклучени и во напорите на меѓународната заедница да се најде решение за сериозната политичка криза којашто ја предизвика власта во заминување.
Оваа искрена и принципиелна поддршка на пријателите на Македонија е во интерес на сите наши граѓани.
Кај нашите пријатели и искрени поддржувачи постои сериозна загриженост од прекршувањето на роковите предвидени во Договорот од 2 јуни/15 јули од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Не постои друго решение освен целосно и доследно спроведување на Договорот.
Со пријателите социјалисти и демократи од Евроспкиот парламент во последните недели, па и месеци, разговараме за програмата на СДСМ којашто ја градиме заедно со граѓаните.
Добивме силна поддршка и пофалби за концептот, за мерките, целта што сакаме да ја постигнеме, како и за следењето на линијата на прогресивната агенда на Партијата на европски социјалисти.
Тоа е визијата за европска Македонија. Визија за еднаквост, демократија, правда, владеење на правото, солидарност, подобрување на економијата, враќање на парите кон граѓаните, како младите луѓе да останат дома и како да ја обезбедиме европската перспектива на земјава.“– изјави Заев.