Вечерва свечено ќе биде отворен Првиот дипломатски форум на ЦЕИ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ќе се обрати на свеченото отворање на Првиот дипломатски форум на ЦЕИ, во рамки на македонското претседавање со Централно европската иницијатива. Форумот што се одржува во согласност со една од стратешките цели на ЦЕИ, имплементација на мали и средни проекти, е во организација на Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи во соработка со Иванов Школата за лидери – Алумни Асоцијација (ИСЛАА).

Првиот дипломатски форум, се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, и е на тема: „Макро и микро стратегии за развој ‒ Зајакнување на дипломатските капацитети на регионот на ЦЕИ”.

На тридневниот форум ќе учествуваат над 50 млади дипломати од земјите-членки на ЦЕИ од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Украина, Црна Гора, Унгарија, Србија, Австрија, Бугарија, Албанија, и од Чешката Република, како и членови на Иванов Школата за лидери – Алумни Асоцијација (ИСЛАА). Меѓу предавачите на годинешниот форум се експерти и универзитетски професори од земјава и од странство од областа на економијата, економетријата, политиката и дипломатијата.

Република Македонија оваа година по вторпат претседава со Централната европска иницијатива, продолжувајќи го поставувањето, подобрувањето и промоцијата на стратешките цели на ЦЕИ, како што се поддршка на државите-членки на ЦЕИ на нивниот пат кон европската интеграција, промоција на усогласувањето на државите-членки на ЦЕИ со стандардите на ЕУ, имплементација на мали и средни проекти и отвореност за конверзија на конструктивни идеи во иновативни резултати. Основана во 1989 година, ЦЕИ претставува регионален меѓувладин форум посветен на поддршката на европската интеграција преку соработка меѓу државите-членки.