Во тек е Конкурсот за откуп на публикации со кои ќе се збогати библиотечниот фонд во Македонија

Од Министерството за култура информираат дека во тек е Конкурсот за откуп на публикации (први изданија), мерка на Министерството за култура чија цел е стимулирање и развој на издавачката дејност во Република Македонија, како и збогатување на библиотечниот фонд со публикации од областа на културата и уметноста.

Со оваа активност, која е во согласност со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година, Министерството за култура ќе изврши откуп на публикации во печатена и во електронска форма од областа на културата и уметноста, првпат издадени во Република Македонија во 2014 и во 2015 година.

На Конкурсот, кој е отворен до 14.12.2015 година, може да учествуваат: правни лица-издавачи од Република Македонија кои ја издале понудената публикација; автори-издавачи на сопствени дела (публикации); автори кои ќе приложат писмено известување од издавачот дека им е отстапен дел од тиражот како надомест за авторски труд.

Министерството за култура при разгледување на понудените публикации за откуп ќе даде приоритет на: оригинални дела со културно-уметничка содржина од автори од Република Македонија пишувани на македонски јазик и на јазиците на заедниците; публикации наменети за деца и млади; публикации наменети за лицата со посебни потреби. Ќе се откупуваат само публикации кои се издадени во наведениот период, односно во 2014 и 2015 година, и кои претходно не биле откупени или финансирани од Министерството за култура. Од понудените печатени публикации ќе се откупуваат најмногу до 100 примероци, а од електронските изданија најмногу до 30 примероци. За учество на Конкурсот се пополнува пријава која може да се преземе од веб-локацијата на Министерството за култура (www.kultura.gov.mk).