Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски зема активно учествуво на меѓународниот безбедносен форум Халифакс 2015. Последните безбедносни случувања во Европа и Африка, мигрантската криза и војната против ИСИС се главни теми на панелите на Форумот на кој учествуваат голем број високи државни претставници, дипломати, сенатори, експерти, членови на парламенти, уредници на медиумски куќи, претставници на тинк тенк заедницата, од повеќе од 60 земји.
На маргините на Форумот, Министерот Јолевски оствари повеќе кратки средби и билатерални состаноци со Министрите за национална одбрана на Канада и Литванија, Харјит Синг Сајан и Лоузас Олекас, заменик секретарот за одбрана на САД, Роберт Ворк, Министрите за одбрана на Албанија и Холандија, Мими Кодели и Жанин Енис Пласшерт, Ралф Брауксиепе, парламентарен државен секретар на Федералното Министерство за одбрана, и повеќе дипломатски претставници од Европа и САД.
На средбите Јолевски се осврна на актуелните безбедносни предизвици во регионот и пошироко и во тој контекст ја истакна потребата од скоро евро-атлантско интегрирање на регионот. Кризата со мигрантите е заеднички предизвик на европа и наметнува потреба од поголема соработка и координација во сите аспекти по ова прашање. Неодамнешните настани ја наметнуваат неопходноста од поддршка, обединување и кохерентност, не само во ЕУ туку и пошироко. Потенцираше дека соработката во областа на одбраната со НАТО земјите е на потребно ниво, Република Македонија е земја која е силен контрибутор во глобалниот мир и безбедност и заслужува место во колективните системи за безбедност.
Заедничко на соговорниците на Јолевски од средбите беше истакнувањето на загриженоста во однос на мигрантската криза, и согласувањето за потребата од заедништво и засилена соработка. Ја истакнаа подршката за евро-атлантска интеграција на регионот и се заблагодарија за постојаноста и придонесот на Република Македонија во мировните операции.
Меѓународниот безбедносниот форум Халифакс 2015 е реномиран форум кој се одржува еднаш годишно и e посветен на глобалните безбедносни прашања. Форумот Халифакс е независна непрофитна организација со седиште во Вашингтон, и се одржува во соработка со Канадскиот приватниот сектор и Канадската влада.
На годинашниот Форум дискусиите беа во насока на наоѓање одговор на актуелните безбедносни прашања, кои ги опфаќаа и научените лекции од досегашните мисии во Ирак и Авганистан, потоа беа разменети мислења помеѓу сите учесници како од политичката фела така и од претставниците на медиумите во насока на наоѓање соодветен одговор за решавање на кризата во Сирија, мигрантската криза, вклучувајки ги и економските мигранти, која сериозно и се заканува на Европа, борбата против тероризмот. Притоа беше истакнато дека потребно е да се подготват нови стратегии и заеднички да се делува против новиот начин на тероризам. Особено внимание да се посвети на социјалните медиуми кои веќе покажаа дека најголемата регрутација на борците доаѓа токму од тука.
Само заедничко делување ќе донесе успех против ова зло на денешнината.