Селекторот на А футсал репрезентацијата Васко Скендеровски го објави списокот на играчи кои ќе бидат дел од македонската репрезентација на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство.
На турнирот во Италија од 10. до 13. декември, Македонија ќе игра против Италија, Словачка и Молдавија. Подготовките за квалификациите за пласман на Светското првенство нашата репрезентација ги започнува денеска, селекторот Скендеровски ги повика следните играчи:
ГОЛМАНИ: Антонио Петровски (КМФ Железарец),Илчо Удовалиев (КМФ Железарец); ОДБРАНА: Зоран Левески (КМФ Железарец), Ферид Агуши (КМФ Железарец), Драган Петровиќ (КМФ Железарец), Таулант Исмаили (КМФ Железарец); НАПАД: Даниел Де Соуза (КМФ Железарец), Орхан Ибиши (КМФ Јувентус Серава), Игор Леовски (КМФ Железарец), Дарко Ранготов (КМФ Железарец), Мартин Тодоровски (КМФ Железарец), Адријан Мицевски (КМФ Железарец), Александар Глигоров (КМФ Железарец), Мартин Мехмединовиќ (Црна Река), Иван Крстевски (КМФ Железарец)
„На крајот од годината не очекува и најтешкиот предизвик, а тоа е предизвикот за пласман на СП 2016 година. Собирот од денеска до заминувањето за Бари (08/12/2015) ќе биде последниот филтер пред престојните три квалификациски натпревари против Европскиот првак и домаќинот на овој турнир Италија (10/12/2015 од 12.00 часот), Словачка (11/12/2015 од 18.00 часот) како и против незгодната репрезентација на Молдавија (13/12/2015 од 15.30 часот). Не очекуваат три силни натпревари, против три различни и по квалитет и по стил на игра репрезентации. Италија несомнено е фаворит за првото место, а ние нашата шанса за позитивен резултат ќе ја бараме против Словачка и Молдавија. Се надевам дека трендот на позитивни резултати во футсалот кои ја одбележаа 2015 година ќе продолжи и на овој квалификациски турнир.На првиот собир се јавија сите повикани играчи, нема играчи кои се жалат на посериозни повреди, што секако радува и ме прави оптимист. Очекувам дека ќе се вратиме од Бари со позитивен резултат, а тоа е пласман во баражот за СП кое што ќе се одржи наредната година во Колумбија. Иако Италија е голем фаворит, а Словачка е репрезентација која е пред нас на ФИФА ранг листата, убеден сум дека оваа генерација може и мора конечно да оствари еден успех достоен за почит. Играчите треба да ги докажат своите вредности, затоа што само пласман на едно големо натпреварување е потврда за нивниот квалитет“, – изјави селекторот на футсал репрезентацијата Васко Скендеровски.