Прогласени најдобрите во македонскиот фудбал за сезоната 2014/15

Филип Гачевски, голманот кој со Брегалница изминатава година го сруши македонскиот рекорд на најдолга минутажа без примен погодок и интернационалецот од Палермо, Александар Трајковски ги понесоа признанијата за најдобри македонски фудбалери во сезоната 2014/2015 во изборот на Фудбалската федерација на Македонија кој се одржа во Македонскиот Народен Театар.

„Оваа награда која е прва за мене е од огромно значење како силен мотив за уште поголеми успеси во иднина“, – порача Трајковски во видео пораката од Италија.

На традиционалниот избор, Филип Гачевски го доби признанието за најдобар во Првата македонска фудбалска лига во сезоната 2014/2015 пред Изаир Емини и Баже Илијоски, кои беа во негова конкуренција.

„Ова е најголемата награда во мојата кариера која сум ја добил. Голема благодарност на моето семејство кое секогаш беше со мене во најтешките моменти. Ова е награда и за тренерот на Брегалница, Влатко Костов кој ми беше огромна поддршка“, – истакна Гачевски.

Најдобар голгетер во сезоната 2014/2015 е Изаир Емини од Ренова, а признанието го доби од легендата на македонското борење Шабан Трстена.

Признанието за најдобар тренер замина во рацете и втора година по ред за тренерот на Работнички, Игор Ангеловски кој остави зад себе извонредни резултати со „романтичарите“.

„Ова е награда како потврда за една професионална и напорна работа, не само моја, но на сите во клубот. Ова е награда која за да се добие треба во клубот се да функционира како што треба. Тоа го потврдуваме со оваа награда и јас сум горд што бев дел од ФК Работнички и сите негови успеси изминатава година“, – истакна најдобриот тренер за изминатата сезона, новиот македонски селектор Игор Ангеловски.

Признанието за животно дело во фудбалот го доби нашето славно име Благоја Истатов, кој наградата ја доби од рацете на легендата на македонската кошарка Благоја Георгиевски – Буштур.

„Би сакал да искажам голема благодарност до ФФМ за оваа укажана чест. Лаже секој оној кој истакнува дека ваквите признанија не значат многу. Значат и тоа како многу, за се што сте оставиле зад вас, за секоја капка пот оставена во фудбалот“, – истакна Истатов.

Најдобар македонски судија сосема заслужено е најголемиот наш авторитет на домашната и на интернационалната сцена, Александар Ставрев, а ФК Работнички ја доби наградата и за фер-плеј екипа. Наша најдобра фудбалерка, без конкуренција повторно е Наташа Андонова.

По втор пат признание за најдобар тренер во младински фудбал доби Влатко Колев за освоената титула со младинскиот состав на Металург во сезоната 2014/2015. ФК Металург, пак, по трет пат ја доби наградата за најдобар клуб во млади категории по освоените титули во младинска и во кадетска конкуренција.

„Ова ми е најдраг хет-трик. Кога три пати по ред ја добивате оваа награда значи дека добро работите, знаете како да работите и за што вложувате труд, истакна координаторот на младинските школи во Металург“, – Ѓорги Христов.

Признание за најдобра селекција доби и футсал репрезентацијата на Македонија и селекторот Васко Скендеровски.

НАЈДОБРИТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ ВО СЕЗОНА 2014/2015

НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР ВО СТРАНСТВО: Александар Трајковски (Палермо, Италија)

НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР ВО ПРВАТА ЛИГА: Филип Гачевски (Брегалница/ Вардар)

НАЈДОБАР ТРЕНЕР: Игор Ангеловски (ФК Работнички)

НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ: Изаир Емини (ФК Ренова)

НАЈДОБАР МЛАД ФУДБАЛЕР: Кире Маркоски (ФК Работнички)

НАЈДОБАР МЛАД СТРЕЛЕЦ: Марко Ѓорѓиевски (ФК Вардар)

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО МЛАДИ КАТЕГОРИИ: Влатко Колев (ФК Металург)

НАЈДОБАР КЛУБ ВО МЛАДИНСКИ ФУДБАЛ: ФК Металург

НАЈДОБАР СУДИЈА: Александар Ставрев

ПРИЗНАНИЕ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ВО ФУДБАЛОТ: Благоја Истатов

ФЕР-ПЛЕЈ ЕКИПА: ФК Работнички

НАЈДОБРА ФУДБАЛЕРКА: Наташа Андонова (Розенгард, Шведска)

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО ЖЕНСКИ ФУДБАЛ: Дарко Костадиновски (ЖФК Драгон)

НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ ВО ЖЕНСКИ ФУДБАЛ: Ели Јаковска (ЖФК Драгон)

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО ФУТСАЛ: Иван Божовиќ (КМФ Железарец – Скопје)

НАЈДОБАР ИГРАЧ ВО ФУТСАЛ: Мартин Тодоровски