СДСМ: На последната седница ДПМНЕ одби 47 амандмани кои беа поднесени врз основа на потребите и барањата на граѓаните

Советничката група на СДСМ Охрид одржа прес-конференција на која што зборуваа координаторот проф. д-р Јован Стојаноски и советничката Жаклина Лазаревска. На пресот тие истакнаа:

„Дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески не водат грижа за потребите на охриѓани, тоа граѓаните одамна го знаат.

На последната седница на Советот на општина Охрид, ВМРО-ДПМНЕ одби 47 амандмани коишто СДСМ и коалиционите партнери ги поднесоа врз основа на потребите и барањата на граѓаните.

Градоначалникот Бакрачески не беше присутен на оваа седница на којашто се расправаше за Програмите на секторите на општината, Програмите на Јавните претпријатија за работа за наредната година и Буџетот на општина Охрид.

Факт е дека Бакрачески не го интересира кастрофалната економска состојба во којашто се наоѓа Охрид.

Со Буџетот за 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески продолжуваат со политиките „немаме за леб, а трошиме на чоколадо.“

Граѓаните сеуште пијат вода од азбестни цефки, а Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ се расфрлаат со народни пари за реновирање на кејот којшто се наоѓа во добра состојба.

Граѓаните возат по руинирани улици а Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ расипнички ги трошат парите на граѓаните за луксузни возила.

Катастрофална е состојбата и со финансиите за донесувањето на урбанистичките планови. Се донесуваат само оние урбанистички планови кои се финансирани од приватни лица. Сите други граѓани кои немаат да инвестираат во изработка на урбанистичките планови, а веќе чекаат со години, ќе чекаат и понатаму.

Според Буџетот за 2016 година, Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ ги намалуваат средствата за хигиената во Охрид, за зеленилото, за животната средина. За Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните е на последно место.

Поради „Дил ориентед“ политиките на Никола Груевски и виртуелните проекти, Охрид е на првото место по бројот на иселени млади луѓе.

Времето на Никола Груевски и Никола Бакрачески помина.

Граѓаните имаат идеја: збогум Никола!“ – истакнаа од советничката група на СДСМ Охрид на денешната конференција.