Нови 30 книги од „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“

Нови 30 дела од проектот на Владата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ беа претставени денеска, со кои досега се преведени и промовирани сто од планираните 366 дела.

На денешната, петта промоција од почетокот на овој проект, беа промовирани девет наслови од историографијата, 11 филозофски дела на познати светски мислители и 10 наслови од психологија и психоанализа, а најголем број од нив првпат добиваат превод на македонски јазик.

Меѓу преведените книги од областа на историјата се наслови од Мајкл Енголд, Дејан Ѓокиќ, Оливер Шмит, Ева Ане Франц, Тејлор, Хобсбаум, Ван де Мероп, Паларет и Тимоти Давид Барнс. Од филозофските се објавени преводи на дела од свети Аврелиј Августин, научни трудови на Мур, Бубер, Коплстон, Фихте, Порфириј, Шелинг…, а од делата од психологијата – наслови од Франц Клеменс Бретано, Мајкл Ејд, Ренди Ларсен, Сигмунд Фројд, Карен Хорнај, Тереза Клајн, Џим Орфорд…

Претставувајќи ги новите наслови, премиерот Никола Груевски порача тие да се користат затоа што во Македонија досега беше во дефицит литературата од овие три области и можела да се набави само во странство.

„Преку овие книги во Македонија добиваме резиме на повеќегодишно искуство, знаење и илјадници и илјадници часови истражување на врвни светски научници и професори. Сето тоа треба да се искористи. Колку повеќе светско знаење влегува во Македонија, толку побрзо Македонија ќе напредува во светот… Да ги тргнеме настрана старите скрипти и литература која се користела пред 20 или 30 години,“ рече Груевски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи на придобивките од оваа едиција чија долгорочна мисија, како што рече, е развивање и подигање на нивото на општата култура во нашата средина, отворање на интелектуалните хоризонти, особено кај младата генерација. Истакна дека се работи за референтна литература од богатата продукција на дела од најреномираните британски, американски и германски универзитети, која отсега им е достапна на студентите, постдипломците и докторантите од Филозофскиот и од сродните факултети од хуманистичките науки.

„Оваа едиција има исклучително значење и за поставувањето на основите на комплексниот процес на развивање и унапредување на научната терминологија на македонскиот јазик, како неопходен инструмент на научната и филозофската дејност,“ нагласи Канческа-Милевска.

Преведените дела ги претстави историчарката Виолета Ачковска, која истакна дека секоја од 30-те книги е зрак кој осветлува нови простори на историјата, филозофијата и психологијата и, како што рече, овозможува воспоставување поблизок дијалог со светската наука, но и можност на ширење фундаментални знаења за поширок круг македонски читатели.