Димитриев на средба со членовите на ДИК

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев вчера попладне имаше средба со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) во функција на одржување на парламентарните избори на 24 април годинава.

Димитриев средбата ја оцени како позитивна и конструктивна, посочувајќи дека од претходната средба се решени сите барања на ДИК, а барањата од оваа средба ќе бидат решени на следната владина седница.

„Дискутиравме за заклучоците кои Владата ги донесе на една од претходните седници, но нотиравме и доста нови предлог-заклучоци кои ќе бидат предмет на дискусија на наредната владина седница, а кои се во функција на работењето на ДИК во насока на што е можно подобро организирање на изборите во април“ изјави Димитриев по средбата.

Посочи дека изразиле подготвеност на дневна основа да ја одржуваат комуникацијата и да ги решаваат сите проблеми кои ќе помогнат за оранизирање фер и демократски избори, кои ќе бидат верификувани од сите институции надлежни за мониторинг.

Димитриев додаде дека и понатаму ќе комуницираат со Државната изборна комисија и дека денеска договориле одржување ресорни состаноци за поединечни теми во понатамошниот период.

„Дискутиравме околу обезбедување простории, возила, за финансиска конструкција за одредени потреби, за техничка логистика на ДИК, а бевме брифирани и за нивните подготовки за прочистување на Избирачкиот список,“ рече Димитриев.

На прашањето дали смета дека ДИК може да стигне со роковите, тој одговори позитивно од она што го слушнал на средбата.

„Од она што можев да го слушнам од нивна страна и тие се на размислување дека под претпоставка ако се договори бргу методологијата за прочистување на Избирачкиот список кој е предмет на разговори меѓу политичките партии, тие се подготвени. Значи имаат направено сериозни подготовки за оперативно ставање во функција на методологијата и сметаме дека овој тајминг и овие рокови ќе бидат запазени,“ рече Димитриев.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски, како што е наведено во соопштението од ДИК, на средбата информирал за прашањата поврзани со кадровското доекипирање на ДИК, за просторното и техничко опремување, како и за имплементација на методологиите за ажурирање на Избирачкиот список