Канческа-Милевска на средба со амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска оствари работна средба со Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија. На средбата, соговорниците се согласија дека Република Македонија и Кралството Холандија имаат одлични културни врски, кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата. На средбата, меѓу другото, стана збор и за иницијативата за продлабочување на соработката и тоа преку поголема размена на експерти, уметници и проекти.

Министерката за култура Канческа-Милевска потсети дека досегашната соработка со Кралството Холандија е на солидно ниво со континуирано претставување на македонската култура во оваа земја, но значаен е и бројот на содржините со кои холандската култура се претставува во Република Македонија.

Таа потенцираше дека во изминатиот период со особен интерес од холандската јавност беше проследена изложбата „Ненадмината убавина – Икони од Македонија“, која пред пет години беше успешно реализирана во музејот „Катарајнеконвент“ во Утрехт, Кралство Холандија. Изложбата, која беше прво претставување на македонското културно наследство во ваков голем обем и по квалитет и по вредност на експонатите, наиде на огромен интерес кај стручната јавност во оваа земја, која имаше можност да се запознае со исклучително вредни експонати датирани од 4000 години пред Христос до крајот на деветнаесеттиот век. Канческа-Милевска потсети дека оваа изложба го зголеми интересот за Република Македонија во Кралството Холандија и придонесе за продлабочување на меѓусебната соработка на културен, туристички и економски план.

Соговорниците ја поздравија досегашната успешна соработка меѓу институциите од областа на културата меѓу двете земји, а ја истакнаа реализацијата на проектите меѓу националните библиотеки од Скопје и од Амстердам, како и размената на експерти и уметници во областа на современиот танц и креативните индустрии. Тие ја нагласија и важноста на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, кој има исклучителна соработка со експертите од Кралството Холандија кои се лидери во областа на креативните индустрии.

poseta_ambasador_Holandija_06_2000