Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (старата Градска болница во Скопје) доби четири нови апарати и тоа мамограф, ехо апарат, апарат за колоноскопија и гастроскопија и катмограф.
Апаратите се ставени во функција, освен мамографот за кој термини за прегледи ќе бидат пуштени од 20 март.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска истакна дека мамограф првпат се набавува за оваа здравствена установа иако во неа се изведуваат хируршки интервенции од оваа област. Пациентите биле препраќани за овој преглед во други болници.
„Од тие причини сметавме дека е потребно во оваа исклучително значајна здравствена установа и за Скопје, но и за цела држава да се набави ваков мамограф. Опремата што е набавена и ставена во функција е во вредност од околу 20 милиони денари“, изјави Тодоров кој денеска ја посети болницата.
Министерот посочи дека во тек е набавка на опрема во вредност од околу 63 милиони денари.
„Набавуваме опрема во вредност од околу 63 милиони денари, процедурата за набавка или е во тек или веќе се склучени договорите па се чека на испорака. Очекуваме и оваа дополнителна опрема да стигне некаде до крајот на мај оваа година, вклучително и опремата од претходната година. Станува збор за еден силен инвестициски зафат во оваа здравствена установа во вредност од некаде околу два милиони евра“, рече Тодоров.
Како што кажа, се набави нова најсовремена опрема и таа е ставена на располагање и на здравствените работници, но и на пациентите од целата земја.
„Од тој аспект очекувам да се зголеми квалитетот на здравствените услуги коишто овде се даваат затоа што со набавката на нова и најсовремена опрема се овозможува повисок степен на точност во постапките на дијагностицирање, поголема кредибилност на резултатите и на тој начин подобро функционирање на докторите и на целата институција во целост“, рече министерот Тодоров.
Директорката на Болницата д-р Јасминка Чабуковска Радуловска рече дека значајно е тоа што првпат во оваа институција ќе се работи мамографија и ќе влезе во редовната клиничка пракса како дијагностичка процедура.
„Ултрасонографот е модерен апарат надополнет со еластрографија, метода која првпат ќе се изведува во Македонија во јавното здравство. Оваа метода е ефективна, комплементарна метода која заедно со ултразвукот допринесува за испитување и разликување на малигните од бенигните лезии и на тој начин ја намалува потребата од непотребните биопсии кај овие промени. Првенствено ќе се изведува кај пациенти со промени на дојката, но има примена и кај пациенти со промени на мускулоскелетниот систем, како и кај останатите парахимни органи“, истакна Чабуковска Радуловска.
Апаратот за колоноскопија и гастроскопија, како што објасни таа, е најсовремен модерен апарат којшто овозможува подобра визуелизација и слика, а истовремено овозможува покрај дијагностичка и терапевтска процедура односно изведување на полипектомиите.
„Добивме два апарати катмографи коишто се од особено значење во делот на интензивно лекување и реанимација за следење на вентилацијата кај пациентите на хипо и хипервентилација. Преку неа се следи кај неоперираните и кај оперираните пациенти. Кај оперираните дополнително сознанија за позицијата на тубусот или за степенот на вентилираност на овие пациенти коишто се иследуваат и третираат во оваа институција“, рече д-р Чабуковска Радуловска.
Таа истакна денеска освен мамографот, за кого термини ќе бидат пуштени од 20 март, останатите апарати веќе се во функција.