Заев со родители на деца со попречености: Доаѓаат промени за сите, се обврзуваме во Програмата

„Доаѓаат промени за сите. Децата со аутизам, со Даунов синдром, со сите видови попречености ќе добијат еднакви шанси за развој и придонес во општеството, како што тоа го заслужуваат сите граѓани на Република Македонија“.

Оваа охрабрувачка порака ја испрати претседателот на СДСМ, Зоран Заев до мајките со кои се сретна, од Ресурсниот центар за помош и поддршка на родители на деца со пречки во развој и од здружението Вера за помош и поддршка на лица со Даунов синдром.

Тој ги знае проблемите на лицата со попречености и нивните потреби, бидејки долгогодишни се заложбите на општина Струмица, каде што е градоначалник и неговите лични ангажмани да им помогне.

На средбата, претседателот Заев ги соопшти цврстите определби на Социјалдемократскиот сојуз за општествени промени што ќе придонесат кон целосно интегрирање на децата со аутизам и други попречености во секојдневните текови на живеењето.

СДСМ со мерките во Програмата предвидува можност за вклучување на децата со сите видови попречености уште во градинките, каде ќе им бидат законски обезбедени соодветни услови за функционирање според нивните потреби. Исто така со нив задолжително ќе работи специјален едукатор, што ќе им олеснува во функционирањето.

Во секоја градинка и во секое училиште ќе има специјален едукатор што ќе им помага.

Ќе има систем за проценка на децата со попречености, според меѓународни стандарди, базиран на нивните способности, а не на она што не го можат. Целта е да им се овозможи да бидат економски активни во животот, согласно нивните можности.

СДСМ во Програмата се обврзува на поддршка на лицата со попречености во нивните секојдневни потреби. Ќе имаат лични асистенти што ќе функционираат на локално ниво за да им помагаат.

Ова се само дел од мерките во Програмата на СДСМ посветени на лицата со попречености.

Родителите на деца со вакви проблеми велат дека се соочуваат со бројни тешкотии во функционирањето. Нивните деца не одат во градинка, оние кои ќе тргнат на училиште брзо се откажуваат бидејки, наместо државата да обезбеди дефектолог во секое училиште, има само по еден дефектолог во секоја општина. За овие деца е многу важно да бидат социјално активни, поради што родителите често се откажуваат од работа за да ги придружуваат, со што им се нарушува и егсистенцијата. Посебен проблем е недостигот на општествена свест за нивен рамноправен третман од страна на мнозинството граѓани и институциите.

На средбата, мајките од Ресурсниот центар и од здружението Вера, во име на учесниците од проектот Будење, му се заблагодарија на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за неговите лични и професионални заложби за решавање на проблемите со кои се соочуваат нивните деца и тие како родители.