Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медиумите истакна:
„Со задоволство сакаме да ги информираме граѓаните, поддршката за Платформата за демократска Македонија расте.
Денеска Платформата ја потпишавме со ПЕИ и со господинот Фијат Цаноски , со којшто во минатото СДСМ имал соработка.
Оваа платформа за демократска Македонија не обединува сите и јас се надевам дека ќе продолжи да расте.
Ја користам приликата заедно да повикаме да ни се приклучат сите слободоумни граѓани, сите демократи во ова наше општество, на принципиелна основа. На основа на начелата на коишто полага токму оваа Платформа за демократска Македонија.
Бидејќи веќе не се работи за лични интереси, не се работи за партии и поединци, се работи за Македонија и нејзината иднина.
Принципите ќе ги спомнам уште еднаш. Регуларни, фер и демократски избори, враќање на правдата и правичноста во Република Македонија, реформи во медиумите, деполитизација и демократизација на институциите и застанување зад сите универзални и европски вредности коишто ги заслужуваат сите граѓани во Република Македонија, подеднакво да ги конзумираат.
Јас се надевам дека така здружени и сплотени, без какви било предрасуди сите заедно ќе застанеме зад Платформата. Она што го очекувам во наредните денови е да продолжи потпишувањето со политичките субјекти . Испративме порака до граѓанските здруженија, до асоцијациите, до интелектуалците и до сите индивидуи во Република Македонија.
Очекувам дека сите ќе застанат зад една ваква принципиелна платформа како би можеле сите да и помогнеме на Република Македонија.
Сакам денеска да информирам исто така дека до ПЕИ испративме и порака, но и покана за коалициско здружување .
Знаеме дека на 5-ти Јуни ќе нема избори, но избори ќе има затоа што само преку слободни избори можеме да ја вратиме слободата.
Од тој аспект, пополека нашите работни групи ќе ги составуваат споредбите на нашите политички програми, како би биле подготвени за заедничко делување, тогаш кога ќе бидат исполнети условите за регуларни, фер и демократски избори.
Уште еднаш, тоа значи прочистен избирачки список, регулација на медиумите и разграничување на партијата од државата.“– рече Заев.