Измени и дополнувања на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка кои ќе се применуваат од 1 мај

Денес, Мешовитата комисија на ЕУ-ЕФТА за заеднични транзит донесе одлука за изменување и дополнување на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка од 20 мај 1987 година со која се пропишува заедничката транзитна постапка помеѓу договорните страни на Конвенцијата.

Измените и дополнувањата на Конвенцијата се вршат со цел да се обезбеди непречено функционирање на трговијата помеѓу договорните страни на Конвенцијата и со цел истата да биде поефикасна и побрза. Истовремено, со измените се врши усогласување на највисок можен степен на Конвенцијата и нејзините додатоци, и во поглед на суштината и во поглед на терминологијата, со модернизираната транзитната постапка на Унијата.

Најзначајна измена во Конвенцијата се следниве:

– Листата на осетливи стоки се брише (Прилог I кон Додаток I). Повеќе не е задолжително да се внесува тарифна ознака како дел од податоците за транзит, освен во случај кога транзитната декларација е изготвена од истото лице, во исто време или следува после изготвување на царинска декларација во која е запишана тарифна ознака на стоката;

– Транзитните декларации кои ги поднесуваат носителите на постапката не треба да содржат податоци поврзани со осетлива стока;

– При спроведување на заедничка транзитна постапка за стока која досега беше наведена во листата на осетливи стоки не е потребно да се обезбеди транзитна гаранција која важи за ваков вид на стока;

– Се менуваат условите за издавање на одобренија за користење на поедноставени постапки во транзит. Постојните одобренија ќе продолжат да се применуваат до рокот кој е наведен во одобрението или до ревидирање на одобренијата. Ревидирањето ќе се изврши најдоцна до 1 мај 2019 година.

Основните процеси во појдовната, транзитната и одредишната испостава остануваат непроменети и тоа како при спроведување на редовната постапка, исто така и при спроведување на поедноставената постапка.

Поради тоа што одредбите од Царинскиот закон и Уредбата за спроведување на Царинскиот закон во однос на начинот на спроведување на транзитната постапка за осетлива стока остануваат исти, по 1 мај 2016 година, при спроведување на национална транзитна постапка за стоката наведена во Прилог 28 кон Уредбата во кој се наведени стоките со поголем ризик од измама, останува обврската на носителот на постапката за користење на транзитна гаранција која важи за ваков вид на стока. Носителот на постапката наведен во рубрика 50 од транзитниот придружен документ задолжително во појдовната испостава треба да ја достави и потврдата за општа гаранција (ТЦ 31) од која може да се констатира дека предметната гаранција може да се користи и за транзит на осетлива стока.