По 18-ти пат „Распеано рибарче“ во Охрид

Вечерва во ЦК „Григор Прличев“, свечено беше отворен најстариот градски детски фестивал „Распеано рибарче“. Најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“ и децата од охридските основни училишта уживаа во веселите детски песнички кои се испејаа на првата фестивалска ноќ. Овогодинешното 18-то издание на фестивалот е посветено на прерано починатиот основач на фестивалот Коле Петкуќески. Присутните ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.

„Охридското „Распеано рибарче“, покрај многуте настапи на учениците од музичкото училиште, покрај промоциите на орќестрите за народна и забавна музика, хорските фестивали, фестивалите на народни песни и игри во Охрид, фестивалот „Охридското лето“ и други манифестации поврзани со и околу музиката и културата воопшто, претставува културен но и образовен предизвик. Како што велат, сите музички и културни манифестации се тешки сами по себе да се организираат ама организирањето на ваква, детска манифестација на некој начин е посебно, убаво, тешко. Убавината си има своја цена ама и причини.

Голем дел од причините за постоењето на овој фестивал ги упатувам како поздрав до семејството на г-н Коле Петкуќески чие име е вечно поврзано со името на овој детски фестивал. Останатите причини за понатамошниот развој на фестивалот кон композиторите на детската песна, родителите, г-н Менде Баракоски, кон наставничките Мери и Бети, а преку нив и на сите наставници вклучени во припремите, но и кон сите ученици на основните училишта со порака да ги развиваат своите таленти и да ги покажуваат. Охрид бил, е и ќе биде расадник на културата, убавата детска музика, прекрасната детска песна“ – рече Јанев.

Фестивалот „Распеано Рибарче“ прв пат се одржа во 1998 година и е еден од најквалитетните, детски музички производ во Охрид и пошироко.