Средба на претседателот Иванов со претседателите на Стопанските комори од регионот

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Охрид прими претставници од Стопанските комори на земјите од регионот кои се членки на Коморскиот инвестициски форум – КИФ.

Делегацијата од стопанственици беше предводена од претседателот на Стопанската комора на Република Македонија, г.Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Република Србија, г.Марко Чадеж и претседателот на Стопанската комора на Република Косово,г.Сафет Ѓерѓелиу.

На средбата, претседателот Иванов беше информиран за активностите кои ги преземаат коморите а се во насока на поддршка на „Берлинскиот процес”. Во таа насока македонскиот претседател беше запознаен со активностите на коморите за формирање на заеднички Инвестициски фонд за функционирање и поттикнување на старт-ап иновативни мали и средни претпријатија во земјите на Западен Балкан, формирање на Конзорциум за настап на големите извозни пазари и заеднички настап на тендери, формирање на заеднички Регионален едукативен центар, формирање на заеднички туристички производ од регионот и заедничко имплементирање на процесот на дуално образование со што во земјите на КИФ би се надминал проблемот на неусогласеноста на образованието со пазарот на труд.

Претседателот Иванов го поздрави формирањето на Коморскиот инвестициски форум и изрази поддршка на нивните активности и иницијативи кои имаат за цел натамошно зајакнување и унапредување на економската соработка во регионот.

Имајќи го предвид економски тешкиот период во кој се наоѓа светот, засилената економска соработка во регионот е од клучно значење за намалување на последиците врз домашните економии и одржување на темпото на економски раст, истакна на средбата претседателот Иванов, изразувајќи поддршка за придонесот на претставниците на стопанските комори во економијата, како и нивната конструктивноста во креирањето на државните политики во овој сегмент.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија ќе биде домаќин на Брдо Бриони самитот следната година и посочи дека ден претходно претседателите од регионот учествуваат на „Самит 100″, исклучително значаен сегмент на успешните компании од целиот регион, при што ги повика компаниите да се вклучат и да учествуваат на истиот.

Претставниците на стопанските комори се заблагодарија за поддршката од претседателот Иванов и неговиот континуиран придонес за јакнење на регионалната економска соработка, како и за личните заложби на македонскиот претседател преку активностите во рамки на економската дипломатија.

Стопанствениците истакнаа дека КИФ и плановите за развој на регионалната платформа којашто ги обединува осумте комори од регионот (од Република Македонија, Република Србија, Република Косово,Република Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Хрватска и од Република Словенија), претставува моќен репрезент на економиите од овие земји со 350.000 компании.

Коморскиот инвестициски форум (КИФ) е формиран во 2015 година како платформа на регионално поврзување во насока на вклучување на коморите во „Берлинскиот процес”.