Божиќен концерт со прочуениот виолинист Џулијан Рахлин

На 7 јануари, по повод еден од најголемите христијански празници Божик, Македонската филхармонија, со поддршка на Министерството за култура, го одржа традиционалниот Божикен концерт на кој како солист, но и како диригент, се претстави светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин.

На програмата на овој концерт, кој со силен аплауз и овации беше поздравен од страна на публиката, беа виенски маршеви, романтични увертири, популарни танци…

Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти на нашето време. Во последните 27 години, тој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрални интерпретации, соработувајќи со најпрестижните диригенти и оркестри.

Неговата желба да ги проширува сопствените музички хоризонти, ќе го одведе Рахлин и во сферата на диригирањето, а чести ќе станат и неговите изведби на виола. Неговите турнеи се постојани, а оваа концертна сезона настапи во Европа и Северна Америка со Националниот оркестар на Франција под диригентската палка на маестро Даниеле Гати, потоа настапи на отворањето на сезоната со филхармонискиот оркестар „Ла Скала“ со маестро Рикардо Шаји, како и на фестивалот во Луцерн со маестро Марис Јансонс… Од неговите последни ангажмани се издвојуваат настапите во „Музиквереин“ во Виена со Минхенската филхармонија и маестро Семјон Бичков, како диригент со Англискиот камерен оркестар, соработката со виолончелистот Миша Мајски и пијанистот Итамар Голан, со Лондонската филхармонија и Андреј Борејко, со Баварскиот државен оркестар и Зубин Мехта, со Симфонискиот оркестар на Бостон и Алан Гилберт, но и со Филхармонијата на Санкт Петербург и Јуриј Темирканов.

boziken_koncert_640_-2